Активен штрајк во „Слобода превоз“, трет ден како не возат приватните автобуси

од Nikola Popovski

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски информира дека координативните тела на приватните превозници имале состанок и одлучиле да стапат во штрајк, што е надвор од неговата надлежност.

-Во услови на штрајк и понатамошни активности, превозниците ќе постапуваат и одлучуваат според своите убедувања и претпоставки и ќе користат методи и начини кои што ќе сметаат дека можат да им ја решат состојбата, рече денеска Јовановски.

Од „Слобода превоз“ денеска соопштија дека голем број од приватните превозници се упатиле пред Градското Собрание каде ќе побараат прием кај градоначалничката Данела Арсовска.

Веќе трет ден како не возат голем дел од приватните автобуси.

Градот Скопје има долг кон „Слобода превоз“ за дел од месец август, цел месец септември и цел месец октомври.

-Од 1-ви јуни 2022 до сега исплатени се 11 милиони од 120 милиони денари фактурирани од страна на „Слобода превоз“. Ова не се случило никогаш досега и не паметам во просториите да ни дојдат инспектори од Град Скопје и да ни прават притисок. Ова е удбашка метода и може само да ја влоши состојбата. Нас ни се должат милиони, дополни Јовановски.

На 20 октомври, главниот град за прв пат во историјата остана без јавен превоз, зашто не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

Слични содржини