Алегри: Важно е да работам во клуб со амбиции за трофеи

од Vladimir Zorba

Италијанскиот селектор Масимилијано Алегри, кој во моментов е без тим, изјави дека сака да се врати на тренерската клупа, но нема претензии за тоа каде ќе се случи тоа, се додека неговиот иден клуб ги има потребните амбиции да освои трофеи.

Алегри (52) го напушти Јувентус пред една година, откако ги доведе „бјанконерите“ до пет последователни титули и четири италијански купови за време на неговиот петгодишен престој во Торино. Тој претходно ја освои Серија „А“ со Милан. „Во моментов уживам во животот со семејството во родниот град Ливорно“, изјави Италијанецот за „Марка“.

„Сепак, гледам кон иднината затоа што желбата да водам тим на големи натпревари е огромна. Не ми е важно во кој шампионат ќе работам. Само сакам да бидам во клуб со кој имаме исти визии за иднината и кој има амбиции да се натпреварува и победува“, рече тој. Алегри изјави дека иако повеќе не е дел од Јувентус, тој продолжува внимателно да ги следи настапите на тимот предводен од Маурицио Сари.

„Јувентус е изграден за постојано да победува. Затоа мора да се натпреварува со Интер и Лацио. Мислам дека клубот може да го стори тоа за наредните години“, додаде Алегри.

Според стратегот, на неговиот друг поранешен тим Милан му треба многу поголема стабилност за да продолжи да се развива.

„На Милан му треба стабилен и долгорочен план. Но, постојаните промени во тимот не овозможуваат раст“, ​​додаде поранешниот тренер на „росонерите“.

Тој зборуваше и за очекуваниот трансфер на напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез во Барселона.

„Дресот на Барселона тежи многу и секој играч кој го носи мора да има сила и харизма да го носи. Лаутаро ги има сите квалитети да биде успешен играч. Тој работи многу добро во Интер, но е рано за се зборува дали може да успее и на „Ноу Камп“, рече Алегри.

Тренерот откри дека пред две години имал разговори со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез за можноста да го води клубот, но тој го одбил заради неговиот договор со Јувентус.

Слични содржини