Американска компанија направи уред кој тестира коронавирус за пет минути

од Stefanija Kuzmanovska

Соединетите држави одобрија брз тест, кој има за цел да утврди за неколку минути дали некое лице е заразено со коронавирус.

„Abbott Laboratories“, компанијата што го дизајнираше уредот, вели дека е мал и преносен, со големина на тостер и може да се инсталира надвор од болницата доколку е потребно.

Тестирањето може да утврди дали некое лице е заразено со коронавирус во рок од пет минути, а за 13 минути е можно да се утврди конечно дали некое лице е негативно за вирусот, се вели во соопштението на американската компанија.

Од раководството на Abbott во петокот објавија дека добиле веднаш одобрение од Управата за храна и лекови (ФДА) да започне со производство на уредот и дека планира наскоро да произведе пет милиони уреди месечно.

Минатиот викенд, ФДА ја одобри постапката за тестирање што треба да донесе резултати во рок од 45 минути. Сепак, проблемот е во тоа што уредите на компанијата Cepheid главно се користат во болниците.

Борбата против коронавирусот во Соединетите држави при избувнување на пандемијата е попречена од недостаток на соодветни тестови, а во случаи кога примероците биле тестирани, имало застои заради бавното пренесување на информации за резултатите од тие тестови.

Денес има повеќе потврдени случаи на „КОВИД-19“ во Соединетите држави, болест предизвикана од вирусот Sars-CoV-2, отколку во која било земја во светот.

Слични содржини