Американски извештај: Како Русија ги принудува Украинците да земаат руски пасоши

од Stefanija Kuzmanovska

Во новиот американски извештај се наведува дека Украинците кои живеат на територијата окупирана од Русија се принудени да земат руско државјанство, а во спротивно тие се соочуваат со репресалии, вклучително и можна депортација или притвор, пренесува „Гардијан“.

Истражувачите од Универзитетот Јеил откриле дека жителите на регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје биле цел на систематски напори „да им се одземе украинскиот идентитет“.

Украинците кои не побараат руско државјанство „се подложени на закани, заплашувања, ограничувања на хуманитарната помош и основните потреби, како и можно притворање или депортација, се со цел да ги принудат да станат руски државјани“, се наведува во извештајот.

Се вели дека овие руски активности претставуваат „класични воени злосторства“ со тоа што преку овој процес ја ограничуваат способноста на луѓето да пристапат до клучните услуги и ресурси што Русија има обврска да ги обезбеди на сите луѓе, како што се здравствените и хуманитарните системи, изјави за Си-Ен-Ен Натаниел Рејмонд, извршен директор на Факултетот за јавно здравје Јеил.

Москва тврди дека издала повеќе од 3 милиони руски пасоши на Украинци од 2014 година по анексијата на Крим.

Рускиот премиер Михаил Мишустин во мај изјави дека Москва издала пасоши на речиси 1,5 милиони луѓе кои живеат во делови од украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои се окупирани од октомври минатата година.

„Овој број оттогаш се зголеми, а лидерите на таканаречената Луганска Народна Република (ЛНР) тврдат дека три четвртини од жителите на областа добиле руско државјанство“, се наведува во извештајот.

Слични содржини