Антидепресивите се поврзуваат со помал ризик од смрт од Ковид

од Vladimir Zorba

Употребата на антидепресиви е поврзана со помал ризик од смртност кај пациенти со Ковид-19, покажува ново истражување.

Наодите, собрани од студијата на здравствените досиеја на повеќе од 80.000 пациенти инфицирани со Ковид-19 во Соединетите Држави минатата година, покажуваат дека луѓето кои земале Селективни инхибитори на ре-преземање на серотонин (SSRIs – Selective serotonin reuptake inhibitors) имале значително подобри шанси за преживување отколку оние кои не користеле лекови.

„Нашата анализа на подгрупата откри статистички значајно намалување од 28 проценти на релативниот ризик за смртност за пациентите третирани со флуоксетин и 26 проценти за пациентите третирани со флуоксетин или флувоксамин“, објаснија истражувачите во новата студија на тимот од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско (UCSF) и Универзитетот Стенфорд.

Иако наодите покажуваат само корелација во податоците, а не докази за причинско-последично дејство, ова не е прв пат да се види оваа врска.

Бројни студии забележаа дека употребата на антидепресиви на некој начин е поврзана со подобри резултати за пациентите со Ковид, иако прецизните механизми зад овој феномен сè уште не се целосно разбрани.

Сепак, научниците напредуваат со секоја нова анализа и имаат многу идеи за тоа зошто SSRI би можеле да помогнат во заштитата на луѓето од подлегнување на тешки или фатални случаи на ковид-19, пишува Science alert.

„Претходно беше забележано дека SSRIs може да имаат антиинфламаторни својства со посредство на намалување на неколку проинфламаторни цитокини, вклучувајќи интерлеукин 6 и фактор на туморска некроза“, пишува тимот, предводен од првиот автор и научник Томик Оскотски од UCSF во новата студија.

Покрај антиинфламаторните ефекти, можно е и SSRI да делува против процеси кои му помагаат на коронавирусот да остане во телото.

SSRI антидепресивите, вклучувајќи ги флуоксетин и флувоксамин, припаѓаат на група лекови наречени функционални инхибитори на кисела сфингомиелиназа (FIASMA).

Тие го инхибираат ензимот наречен кисела сфингомиелиназа (ASM), кој го разложува сфингомиелинот, липид во клеточните мембрани, во други молекули, вклучително и една наречена церамид.

„Претклиничките податоци сугерираат дека САРС-КоВ-2 го активира АSМ-церамидниот систем, што доведува до формирање на мембрански домени збогатени со церамиди кои го олеснуваат влегувањето и инфекцијата на вирусот со групирање на АCЕ2, клеточниот рецептор SARS-CoV-2 и ослободување на проинфламаторни цитокини“, објаснува психијатарот Николас Хертел од Универзитетот во Париз, кој не беше вклучен во студијата, во статија за новото истражување.

Со други зборови, можно е SSRI, меѓу другото, да го отежнат инфицирањето на клетките на SARS-CoV-2, попречувајќи ги молекулите што вирусот ги користи како точки за прицврстување.

„Важно е реконституцијата на церамидите во клетките третирани со овие антидепресиви да ја обнови инфекцијата“, пишува Хертел.

Севкупно, овие резултати ја демонстрираат потенцијално клучната важност на АSМ-церамидниот систем како цел на третман кај Ковид-19.

Колку и да е ветувачки, потребни се повеќе истражувања, а истражувачите нагласуваат дека нивната сопствена анализа не нè доближува до разбирање на какви било причински последици. Сепак, она што го прави е да ни помогне да го разбереме нивото на намален ризик од смртност што го нудат SSRI на пациентите со Ковид-19.

Од огромна група од 490.373 пациенти со Ковид-19 во базата на податоци Cerner Real-World Data, истражувачите истражувале 83.584 пациенти кои ги исполнувале критериумите на нивната студија.

Од нив, 3.401 пациент земале SSRI во текот на периодот на студијата, од јануари до септември 2020 година, и биле споредени со контролната група на пациенти кои одговарале и не земале SSRI во истиот период.

Севкупно, пациентите кои земале какви било SSRIs имале пониска стапка на смртност – 14,6 проценти од оние кои не земале – 16,3 проценти. Најниски стапки на смртност се забележани кај пациенти кои земале само флуоксетин – 9,8 проценти, во споредба со контролната група од 13,3 проценти, и пациентите кои земале флуоксетин или флувоксамин – 10 проценти, во споредба со 13,3 проценти.

SSRI, освен флуоксетин или флувоксамин, исто така покажаа мала заштитна корист, но податоците не беа статистички значајни, велат истражувачите.

„Бидејќи поголемиот дел од светската популација моментално е невакцинирана и пандемијата на Ковид-19 е сè уште активна, ефективни третмани против ковид-19, особено оние кои се лесни за употреба, покажуваат добра подносливост, може да се даваат орално и се широко достапни по ниски цени, за да се дозволи нивна употреба во земјите сиромашни со ресурси, итно се потребни за да се намали смртноста и морбидитетот од ковид-19“, пишува Хертел, додавајќи:

„Во овој контекст, краткорочната употреба на флуоксетин или флувоксамин, доколку се покажат како ефикасни, треба да се смета за потенцијално средство за постигнување на оваа цел.

Наодите од ова истражување беа објавени во стручното списание JAMA.

Слични содржини