Арсовска вели дека ги тужела СДСМ за бугарското државјанство, иако рокот за тужба е изминат

од Nikola Popovski

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска вели дека ја тужела партијата СДСМ за обвиненијата дека поседува бугарско државјанство, иако изминал рокот за поднесување тужба.

-За се си има постапки и ќе се докаже, вели Арсовска во изјава за „360“.

На прашањето дали знае дека рокот за поднесување тужба е изминат, Арсовска вели „не се грижете“.

-Превземени се. Дел од нив избегнуваат прием на документи. Правдата ќе дојде, а одговорност ќе има, додава градоначалничката.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска информира дека досега во партијата не стигнала тужба по ова прашање.

Рокот е уреден со член 20 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и тој изнесува три месеци од денот кога тужителот дознал за изјавата и за идентитетот на тој што ја изјавил навредливата содржина.

Во екот на предизборната кампања од последните локални избори, сега веќе министерката за одбрана и членка на СДСМ, Славјанка Петровска покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство. Указот го потпишал бугарскиот вицепретседател.

-Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побаравте бугарско државјанство, за чии интереси одработувате – за унгарските, за бугарските или за оние на Груевски, изјави тогаш Петровска.

Слични содржини