Австрија ја укина забраната за ЛБГТ луѓето да даруваат крв

од Берта Китинска

Австрија ја укина забраната на хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица да даруваат крв, соопшти Министерството за здравство.

Ако некој сака да помогне со дарување крв, нема причина да не се дозволи поради неговата сексуална ориентација или родов идентитет, изјави министерот за здравство Јоханес Рауч, пренесува Хина.

Измената на правилникот за крводарителство, која беше донесена денеска, ќе стапи на сила летово, изјави владиниот портпарол.

Австрискиот закон досега им забранува на сите кои имале „ризични сексуални односи“ во последните 12 месеци да даруваат крв.

Некои организации, како што е Црвениот крст, ги исклучија хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица од потенцијалните донатори врз основа на таа законска рамка, тврдејќи дека постои ризик од пренесување на СИДА.

Изменетиот закон сега го исклучува „секој донатор кој имал повеќе од три партнери во трите месеци пред донацијата“, но не прави дискриминација врз основа на пол или сексуална ориентација.

Во таа насока неодамна се придвижија и Канада, Франција, Шпанија, Италија, Израел и Англија кога станува збор за условите за дарување крв.

Слични содржини