Азески ја предлага Милевска Штрбевска за потпретседател на СКМ: Нема економски развој без владеење на правото

од Берта Китинска

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, денесе јавно ја предложи д-р Елена Милевска Штрбевска за функцијата потпретседател на комората.

После изборот на д-р Татјана Штерјова Душковска за генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум со што ја зацврстивме нашата регионална позиција како лидери на коморскиот систем на Западен Балкан, продолжуваме со кадровски екипирања во Стопанската комора на Северна Македонија како „КОМОРА НА ИДНИНАТА“. Денеска јавно ќе го изнесам мојот предлог, дека покрај д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, која израсна во службите на Комората и е нејзин потпретседател, ја предлагам и д-р Елена Милевска Штрбевска за истата позиција. Со тоа стручната служба може да биде горда дека две нејзини членки достигнаа високи позиции во Комората, пишува денес Азески во неговата колумна на официјалната интернет страница на Комората.

Тој напоменува дека нема економски развој без владеење на правото и дека сега за првпат, Комората ќе има задолжен човек кој професионално ќе се посвети на тој темелен принцип.

-Дојде како приправник и за 16 години магистрира (2011), докторира (2019) и положи правосуден испит (2016). Промени (12) работни места, учествуваше во (9) работни групи на државните институции, работеше на (4) проекти, беше панелист или говорник на (15) стручни научни собири, учесник на (12) обуки и професионални надградби, (5) истражувања, (16) стручни трудови и издаде неколку публикации

Измените во Буџетот на ЕУ и меѓународната соработка во кривичната материја се темите на градењето на нејзината научна кариера. Во пракса, таа беше посветена на интересите на Комората, и слободно можам да кажам дека нема човек што променил повеќе работни места и човек кој учествувал низ сите крупни реорганизации што доведоа, од пропадната Комора (2005), да го достигнеме ова ниво, во услови на коморски плурализам и доброволно членство, вели Азески.

Тој пишува дека градењето кадар е еден од најголемите предизвици за еден менаџер на процеси.

-Колку е тоа сложено може да се види од нејзиниот пример. Таа никогаш не ја виде смислата на сите тие кадровски ротации и секогаш се „бунтуваше“ на моите одлуки. Со тоа го заслужи епитетот постојан бунтовник. Но денес, мислам е јасно дека сето тоа не било „истресено“ од ракав, туку смислена кадровска операција. Но, што да речам јас кој цел живот го поминав во „задоцнети признанија“ за визиите и секојдневни „неразбирања“ за потезите. Тоа треба да се издржи.Конечно, јас сум сигурен дека „пијанистката од Ѓорче Петров“ после 16 години ја добива својата шанса да покаже што научила и да докаже на себе колку вреди. Ете така, дојде време да го врати долгот на Комората која и помогна во 2005-тата година, пишува Азески.

Слични содржини