Бајден: САД ја делат целта на Израел да го порази Хамас

од Stefanija Kuzmanovska
165 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден, по разговорите со јорданскиот крал Абдула Втори во Белата куќа, изјави  дека САД ја делат целта на Израел да го порази Хамас, но во исто време истакна дека палестинскиот народ „исто така претрпе огромна болка и загуба“.

Бајден повтори дека израелските воени операции во Рафа не треба да продолжат без план за обезбедување безбедност и помош за повеќе од еден милион Палестинци кои се засолниле во областа.

„Исто така, од почетокот бевме јасни дека се спротивставуваме на какво било принудно раселување на Палестинците од Газа“, рече Бајден.

Бајден наведе дека работи на изнаоѓање решение за ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас, за ублажување на хуманитарната криза во Појасот Газа и за постигнување мир преку решение со две држави. Бајден рече дека ги охрабрува израелските лидери „да продолжат да работат на постигнување договор“ за ослободување на заложниците и воспоставување привремено примирје, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли барањата на Хамас.

„Палестинската управа мора итно да се реформира за да може ефективно да донесе резултати за палестинскиот народ и на Западниот Брег и на Газа“, додаде Бајден.

Истакна дека Хамас сè уште држи 134 заложници и не е познато колку од нив се уште се живи, објави „Тајмс оф Израел“.

„Повеќето од Палестинците убиени во Појасот Газа се невини цивили, вклучително и илјадници деца“, подвлече Бајден, предупредувајќи дека стотици илјади Палестинци немаат пристап до храна, вода и други основни потреби за живот.

Заклучи дека САД работат на тоа премините Рафа и Керем Шалом да останат отворени за хуманитарна помош и да се отворат дополнителни премини.

Слични содржини