Баран со меѓународна потерница: Вториот човек на неонацистичката „Златна зора“, влегол во Македонија маскиран како монах

од Nikola Popovski

Грчките власти истражуваат информации дека поранешниот пратеник на екстремната десница, Христос Папас (59),  кој се бара откако беше осуден за учество во неонацистичката организација „Златна зора“, избегал во манастир во Србија.

Се претпоставува дека Папас успеал да избега од Грција во октомври минатата година, кога беше осуден на 13 години затвор за управување со криминална организација, објавија вчера неколку атински медиуми.

Според овие информации, истрагата се фокусирала на некои манастири во Србија, тесно поврзани со малото грчко крило на „старокалендарците“, кои, за разлика од официјалната грчка црква, не го признаваат грегоријанскиот календар.

Медиумите јавуваат дека Папас ја преминал границата меѓу Грција и С. Македонија под лажно име, маскиран во монах, поради што минатата година пуштил брада.

Откако беа пронајдени траги, по него е распишана меѓународна потерница и се очекува наскоро да биде уапсен во Србија и екстрадиран во Грција на издржување на казната.

На 22 октомври минатата година, грчки суд донесе одлука дека и покрај правото на жалба, раководството на екстремно десничарската, неонацистичка „Златна зора“, вклучително и Папас, треба да биде осудено на затвор за претворање на партијата во криминална организација.

Лидерот на таа распуштена партија, Никос Михалоjакос и уште петмина поранешни заменици, вклучувајќи го и бегалецот Папас, беа осудени на 13 години затвор и по една на 10 години за водење на криминална организација.

Единаесет поранешни пратеници на „Златна зора“, осудени само за учество во злосторничка организација, добија казни од пет до седум години затвор и го чекаат исходот на жалбената постапка со ограничувања на нивното движење. Други седум осудени лица, соработници на поранешната партија, се на слобода под истите услови се додека не заврши жалбената постапка.

Слични содржини