Екс-градоначалникот на Сарај и актуелен пратеник, Блерим Беџети реагираше откако полицијата поднесе кривична пријава против него и уште едно лице. Потсети на зборовите на премиерот Христијан Мицкоски и неговите „чувства“ дека ќе се гонат поранешни функционери.
„Вчера Мицкоски имал „чувство“ дека ќе има кривични пријави. Денес, Министерството за внатрешни работи го реализира тоа „чувство“. Случајност? Не. Ова е чист политички притисок. Кога пријавите се најавуваат од политиката, а се реализираат од институциите, тогаш имаме сериозен проблем со начинот на кој функционира државата.
Но нека им биде јасно: јас не запирам. Не се уценувам. Не се повлекувам. Ова се обиди да се замолчи политичкиот глас кој не прифаќа да се потчини. Но тоа само ја зајакнува мојата убеденост дека оваа битка е исправна.
Визијата за враќање на достоинството на Албанците не е реторика. Тоа е мисија. И мисиите не запираат со вакви притисоци. За тие што денес мислат дека можат да градат власт преку контрола и страв: Ви порачувам – НЕ ВРЕДИ! Историјата покажа дека вазалите никогаш не стануваат политички фактор. Вистината не запира. Само доцни, но доаѓа и победува“, стои во јавната објава на Беџети.
МВР вчера поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против лицето З.Д. (61), но и екс-градоначалникот на Сарај поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според истрагата, З.Д., како овластено службено лице, овозможил незаконска корист од 3,2 милиони денари за фирма од Сарај, постапувајќи надвор од своите законски надлежности. Се сомничи дека дозволил донесување одлука за режим на сообраќај и техничка контрола, иако тоа било во надлежност на Општина Сарај. Од друга страна, Блерим Беџети, како градоначалник на општината, се сомничи дека на истиот субјект му овозможил незаконска корист од 42,8 милиони денари. МВР соопшти дека двајцата постапувале спротивно на Законот за локална самоуправа и Кривичниот законик.