Белорусија закажа референдум кој може да го зајакне Лукашенко

од Nikola Popovski

Белорускиот претседател свика референдум за уставните амандмани следниот месец, што би можело да му овозможи дополнително да го зајакне своето владеење и да остане на власт до 2035 година.

Претседателот Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, денеска закажа референдум за 27 февруари.

Амандманите повторно воведуваат ограничувања на претседателските мандати кои беа укинати за време на владеењето на Лукашенко, дозволувајќи му на претседателот само два петгодишни мандати. Сепак, ограничувањата стапуваат на сила само кога новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата, што му дава шанса на Лукашенко да се кандидира за уште два претседателски мандати кога неговиот сегашен истекува во 2025 година.

Амандманите, исто така, му даваат значителни овластувања на новото Себелоруско национално собрание, тело кое номинално претставува широк опсег на белоруското општество, но во минатото главно се состоеше од државни службеници и поддржувачи.

Во предложената ревизија на уставот стои дека законот за избор на собраниски делегати ќе биде донесен подоцна.

Собранието ќе дејствува како паралелна структура до парламентот, со широки овластувања за одобрување на надворешната, безбедносната и економската политика. Може да предложи и измени на Уставот, нацрт-закони и да избира членови на Централната изборна комисија и судии од највисоките судови.

Според предложените амандмани, актуелниот претседател автоматски би станал делегат на Собранието со 1.200 места и би можел да претседава доколку биде избран од други делегати.

Белорусија е погодена од повеќемесечни масовни протести од изборите во август 2020 година, кога Лукашенко го освои шестиот последователен претседателски мандат. Опозицијата и Западот ги осудија изборите како фалсификат. Тој брутално ги задушуваше демонстрациите, во кои полицијата тепаше граѓани и уапси 35.000 луѓе, а поради што многумина беа принудени да побараат засолниште во странство.

За време на овие превирања беа направени предложените измени на Уставот.

Со измените се укинуваат и одредбите за „неутралност“ и „ненуклеарен статус“ на Белорусија. Лукашенко понуди да прифати руско нуклеарно оружје доколку НАТО ги премести американските атомски бомби од Германија во Источна Европа, во најновата серија чекори насочени кон зајакнување на врските со Москва.

Свјетлана Тихановска, која се кандидираше против Лукашенко во 2020 година, а потоа побегна во егзил, изјави за АП дека поддржувачите на опозицијата ќе ги обележат сите опции на гласачките ливчиња за да не бидат валидни. За одобрување на амандманот потребна е поддршка од 50 отсто од оние што гласале и 50 отсто од гласачите што излегле.

Слични содржини