Бергер: Алонсо ќе се бори за титулата ако вози Ред Бул

од Vladimir Zorba

Фернандо Алонсо ќе се бори за светската титула во Формула 1 доколку се натпреварува за Ред Бул. Во тоа е убеден поранешниот возач на Формула 1 и актуелен шеф на ДТМ, Герхард Бергер.

Сепак, сезоната 2022 беше тешка за двократниот светски шампион, но во Канада во квалификациите на влажната патека Алонсо се избори за второто место на стартната линија, а со ова достигнување успеа да ги изненади дури и инженерите и шефовите на Алпин.

„Фернандо е брилијантен возач“, изјави Бергер за германскиот Motorsport-Magazin. „Беше одлично да го видам во првиот ред во Монтреал. Се уште е меѓу најбрзите возачи во Формула 1, за тоа нема спор. 100 отсто сум сигурен дека ако возеше за Ред Бул сега Алонсо ќе се бореше за светската титула“.

Бергер е меѓу оние кои веруваат дека двете светски титули не го одразуваат вистинскиот потенцијал на Фернандо.

„Морам да кажам дека со својот талент Алонсо можеше да освои пет светски титули“, додаде Австриецот. „По Мекларен, тој горе-долу не успеа да избере тимови, но ако отидеше во Мерцедес, веќе ќе имаше пет светски титули“.

Актуелниот договор на Алонсо истекува на крајот од оваа сезона, тој се уште го нема потпишано новиот договор, но се очекува да остане во тимот барем за следната година.

Слични содржини