Берлускони од болница порача дека е спремен да се врати на работа

од Nikola Popovski

Поранешниот италијански десничарски премиер Силвио Берлускони (86), кој веќе еден месец е во болница, денеска им се обрати на своите приврзаници преку видео порака од болничката соба.

„Еве ме, за вас за првпат после еден месец носам кошула и костум“, рече медиумскиот магнат и милијардер во снимениот говор емитуван на Конгресот на неговата десничарска партија Форца Италија.

Елегантно облечен, седнат на маса со партиски транспарент и италијанско знаме во позадина, Берлускони им се заблагодари на поддржувачите за поддршката, која, како што рече, „повеќе од се му помогнала да ја надмине многу опасна пневмонија“.

Берлускони на 5 април беше примен во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано поради инфекција на белите дробови, по што лекарите прво спомнаа дека има и леукемија.

Тој се надеваше дека ќе ја напушти болницата порано за да учествува на дводневниот конгрес на неговата партија, кој започна во петокот во Милано.

Во 20-минутното видео, кое денеска наиде на аплауз во Конгресот, Берлускони додаде дека е подготвен да се врати на работа, но неговите лекари сè уште не кажале кога може да си оди дома, иако во средата рекоа дека неговата состојба е „стабилна“.

Неговата партија е партнер во коалициската влада на премиерот Џорџа Мелони, а Берлускони, основачот на партијата, сè уште е нејзин претседател.

Берлускони во пораката рече дека неговата партија е „рбетот на Владата“ на Италија, „да осигура дека нејзините одлуки се навистина точни, правични, избалансирани“.

И покрај неговите поодминати години, Берлускони е член на Сенатот, горниот дом на италијанскиот парламент, а дури и пред болеста ретко беше во јавноста.

Слични содржини