БЕСА го исклучи Реџепи од партијата

од Nikola Popovski

Лидерот на БЕСА, Билал Касами попладнево информира дека го исклучил од партијата, членот и пратеник Кастриот Реџепи.

-Земајќи ги предвид неодамнешните постапки на пратеникот Кастриот Реџепи, кој ден претходно не се појави во собранието, за поддршка на иницијативата за недоверба на владата, со која постапи во спротивност со одлуката на партијата и сериозно го оштети угледот и честа на партијата, БЕСА, односно јас како Претседател на партијата, согласно статутарните норми согласно член 14 став 3 3.3 од Статутот на партијата, го исклучувам гореспоменатиот член од сите позиции во партијата. Оваа одлука стапува на сила веднаш, напиша Касами на Фејсбук.

Кастриот Реџепи денеска преку Фејсбук информира дека сите детали ќе ги открие во понеделник.

-Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања. Ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да се информираме за се. Во однос на медиумите и интересот ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно, напиша Реџепи.

Слични содржини