Бочели предизвика лавина реакции поради изјавата дека пандемијата е „таканаречена“

од Vladimir Zorba

Познатиот италијански тенор Андреа Бочели, иако беше заразен со коронавирус, се сомнева дека пандемијата е сериозна и ја нарекува „таканаречена“.

„Знам многу луѓе и фала му на Бога, не познавам никого кој заврши на интензивна нега. Значи, каде е целата тежина на ситуацијата“, рече тој на конференцијата во италијанскиот Сенат.

61-годишниот оперски пејач, кој се зарази со коронавирусот во март, но имал благи симптоми, исто така рече дека ги прекршил наредбите за карантин, затоа што „не изгледало фер и здраво“ да го присилуваат да остане дома.

„Кога бев лишен од слобода да излезам од дома, иако не правев кривично дело, се чувствував понижено и навредено“, рече тој, зборувајќи без маска.

Тој рече дека неговите размислувања за коронавирусот се контроверзни и во неговото семејство, и дека децата го предупредувале: „Тато, држи се ти до „Тоска“ и „Мадам батерфлај“ затоа што немаш поим за вирусот“.

Бочели учествуваше на настан организиран од Виторио Сгарби, десничарски сенатор и уметнички критичар, чии негативни погледи за коронавирусот се добро познати.

Ставовите на тенорот предизвикаа бура.

Федез, италијански рапер кој собра 4,5 милиони евра за одделите за интензивна нега во Италија, го критикуваше Бочели.

„Ако не знаете некој кој бил на интензивна нега и се осмелувате да го ширите сомнежот дека е измислена пандемијата, ќе ве запознаам со мојот осумнаесетгодишен пријател кој имаше трансплантација на белите дробови“, напиша тој на Твитер.

Она што беше речено на конференцијата „нема научна основа“ и има „елементи на очигледна опасност“, изјави за АНСА Масимо Гали, директорот на одделот за заразни болести во болницата „Сако“ во Милано.

Министерот за здравство, Роберто Сперанца изјави за „РАИ“ дека е клучно да се почитуваат трите правила за носење маска, социјална дистанца и миење на рацете.

Италија се соочи со голема криза, предизвикана од пандемијата на коронавирус, во март и април.

Сепак, пандемијата сега е многу послаба, а Министерството за здравство во вторникот објави дека во последните 24 часа, коронавирусот е потврден кај 181 лица, додека 11 од нив починале.

Слични содржини