Богдановиќ со реакција до Котлар за интервјуто на „Локално“: Повторно му „пукате во нога“ на ВМРО ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, излезе реакција по повод интервјуто на Наташа Котлар-Трајкова, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Центар за „Локално“.

Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувана госпоѓо Котлар-Трајкова, повторно сте во заблуда, повторно му „пукате во нога“ на ВМРО ДПМНЕ , партија која ве поддржува и повторно сакате да направите забуна кај граѓаните за она што јас и мојот тим го имаме постигнато во овие 4 години откако ја презедов функцијата градоначалник на Општина Центар. Центарци а и целата македонска јавност знаат дека штетниот проект „Скопје 2014“ „чедо“ на партијата ВМРО-ДПМНЕ, партија која стои рамо до рамо со вас на изборите и од која вие јавно не се дистанциравте.

Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не ве подучиле како настана „Скопје 2014“, чие идејно решение е и чија реализација. Истите тие Детални урбанистички планови за кои вие говорите(ДУП-ови) кои се сега на сила и Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП), за периодот 2012-2022, кои Вие самата ги нарекувате „проблематични“, ги донесоа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата чија кандидатка сте токму вие.Само за потсетување, Општина Центар два пати воведе „мораториум на градби“ и откако Уставниот суд ја укина последната општинска Одлука за неспроведување на ДУП-овите, може да се гради по старите планови.

Но, да одиме со ред: и покрај сите опструкции, успеавме да донесеме 9 ДУП-ови, со кои зачувавме над 14.000 метри квадратни зеленило. Општина Центар е првата општина која воведе обврска за 20% зеленило во градежна парцела и задолжитилен неопходен број на паркинг места во градежна парцела.

Во ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници, во споредба со стариот план, кој предвидува 4043 м2 парковско зеленило, новиот предвидува 5889 м2. Избришан е објект за колективно домување, кој е заменет со локален парк од 262 м2 и пешачка патека. Во ДУП-от Ново Маало 1 избришан е хотел, а на негово место во соработка со Град Скопје, изведен памп трак на површина од 2927 м2.

Во ДУП-от Мирче Мацан зголемен е училишен двор на сметка на објект за колективно домување, на површина од 922 м2. Во истот план намалена е парцела на трговски објект на сметка на 492 м2 ново парковско зеленило. Во ДУП-от Даре Џамбаз преместена е катна гаража и зачувано е постојно детско игралиште и парковско зеленило на површина од 808 м2.

Во ДУП-от Пролет пренаменета е парцела на урбана заедница и таму ќе никне нова детска градинка, прва во населбата Пролет на површина од 1992 м2, за која процедурата е веќе започната. Во истиот план избришан е планиран верски објект, а на негово место предвидено парковско зеленило на површина од 804 м2. Дополнително, предвидени се нови 8788 м2 парковско зеленило. Во ДУП-от Тасино Чешмиче избришан е станбен објект, а на негово место е предвиден нов објект за здравствена заштита, на површина од 1996 м2.

Вцртавме 5 нови детски градинки во ДУП-овите: Парк/Дебар Маало 2; Маџир Маало, Буњаковец и Крњево; 2 нови културни центри во ДУП-овите Парк/Дебар Маало 2 и Мал Ринг, а планираме и изведба на блоковски парк, на површина од 1061 м2 и повеќе мали паркчиња во ДУП-от Геолошки завод и Клинички центар. Општина Центар го поништи одобрението за катната гаража зад зградата на „Телеком“. Во предлог ревидираниот план Мал Ринг отстранети се вкупно 15 сендвичари-киосци во барок стил, а не е планирано „Газебото“ (ротондата) пред објектот на МЕПСО. Она што е многу важно е тоа дека е тргната обврската од претходните планови за сите
нови објекти и реконструкција на постоечките фасади да бидат во барок и класицизам. Во Центар сврте бројчаникот и така вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од мостот ‘Око’.Во ревидираниот ДУП Мал Ринг (каде што се сконцентрирани најголем дел од градбите на Скопје 2014) ги нема сплавовите во Вардар, фонтана со споменик, дел од скулптурите. Трите неизградени сплавови нема да се градат. Отстранети се Шпански скали, за што се преземени соодветни дејства во ОЈО и покренати се обвиненија.

Во ДУП Тетовска трошарина (во близина на тврдината Кале), поништивме одобрение за изградба на галерија, на Графички центар ДОО Скопје во стечај и ја активиравме банкарската гаранција. Во тек се рочишта за раскинување на договор за катна гаража кај Автомакедонија, на барање на сопственикот на земјиштето. За Треска – прифатена е иницијатива на група граѓани и архитекти за урбанистичко уредување на
локацијата по пат на јавен конкурс. Формирани се комисија за јавна набавка и жири комисија за избор на идејно решение за локацијата.

Програмската задача што е креирана од стручната Комисија, ангажирана за изготвување на задачата, има цел да обезбеди комбинирани содржини, односно станбен и деловен фонд во рамнотежа со јавниот простор, како и нови содржини за изградба на нова детска градинка, придружни комерцијални и јавни содржини во функција на домувањето, содржини од областа на културата, зачувување на просторните маркери од локалитетот, зеленило со еколошка функција и одржливост во планирањето на сообраќајот. Општина Центар обезбеди ажурирана подлога, геодетска снимка на постоечките дрвја, односно 95 дрва се геореференцирани, нумерирани и
фото-документирани. Дополнително е направена анализа на сопственоста на земјиштето и објектите, спроведени се нумерички анализи и анализи на планските документации.

Според ова, беспредметни се тврдењата на кандидатката Котлар-Трајкова за некаква фарса, нерешителен и неодлучувачки мандат. Напротив, овој пат, за разлика од едно друго време, кога се носеа планови во 4 часот наутро, бројките и фактите го говорат сосема спротивното, ние работиме за интересите на центарци“.

Слични содржини