Богоев: Унапредување на е-трговијата ќе ги намали трошоците и времето на испорака на поштенските пратки

од Stefanija Kuzmanovska

Унапредување на политиките за е-трговија ќе придонесе за намалување на административните трошоци за обработка на царинските декларации од страна на поштенските оператори, а ќе се скрати и времето за испорака, вели директорот на Царинска управа, Стефан Богоев во интервју за 24 инфо.

Унапредување на царинските постапки во прекуграничната е-трговија е една од областите што Царинската управа ги предложи како развојни проекти што треба да се реализираат во рамки на Меморандумите потпишани во Република Кореја во чии рамки Царината доби пристап до 10 милиони долари.

„Предложивме развојни проекти во неколку области. Една од нив е унапредување на царинските постапки во прекуграничната е-трговија во чија област Царинската служба на Кореја има огромно искуство. Прекуграничната е-трговија се зголемува во огромни размери, поради што потребно е унапредување на политиките се со цел остварување поголеми приходи и поголема безбедност. За граѓаните е значајно што ваквите политики ќе придонесат за намалување на административните трошоци за обработка на царинските декларации од страна на поштенските оператори, а ќе се скрати и времето за испорака. Едноставно кажано, граѓаните ќе добијат повисоко ниво на услуги, со што ќе се реши предизвикот во делот на наплата на дополнителни трошоци, односно индиректни трошоци што се наплатуваат при царинењето“, вели Богоев.

Истовремено, зајакнувањето на контролите на поштенските пратки преку користење на вештачка интелигенција која ќе користи голема база на податоци за селекција на сомнителни пратки, ќе овозможи поголеми приходи во Буџетот и поголема безбедност на пратките.

„Царинските органи се првата линија во борбата со недозволената трговија, организираниот криминал и шверцот. Притоа, еден од најголемите предизвици во моментов е поголема контрола на малите пратки во рамки на е-трговијата. Оттаму, соработката со меѓународните институции во чии рамки се склучија и договорите со Кореја е од големо значење за нас“, потенцира Богоев.

Слични содржини