Борел: Да се работи на прилагоден процес, 2030 година не мора да биде прецизен датум

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека за време на неформалниот состанок на шефовите на држави и влади во Гранада, лидерите ќе разговараат за стратешките прашања и стратешката агенда, со фокус на проширувањето и миграцијата и посочи дека кога станува збор за проширувањето, треба да се работи на прилагоден процес за секоја земја кандидат за членство во ЕУ.

На новинарите пред состанокот Борел на прашањето дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја споменал 2030 година како датум кога ЕУ и кандидатите треба да бидат подготвени за проширување, тој рече дека целта на одредувањето на датумот е да се мобилизира политичката енергија за да се постигне напредок, но дека тоа не мора да биде прецизен датум.

„Добро е да се има цел, хоризонт. Ова е политички хоризонт. Целта на одредувањето датум е да се мобилизира политичката енергија за да почнеме да се движиме. Добро е да имате хоризонт и цел, но не мора да биде прецизен датум. Ако немаме хоризонт, луѓето ќе почнат да мислат дека имаме време. Немаме време“, изјави Борел.

Тој додаде дека Украина „сега доаѓа“ како нова земја кандидат и ги турка останатите во редот.

„И редот брзо ќе се движи“, заклучи Борел.

Слични содржини