Борел: Русија собира над 150.000 војници, постои можност за инцидент

од Stefanija Kuzmanovska

Русија насобира над 150.000 војници, што е најголем број регистрирани на украинските граници и постои можност за инцидент, изјави во понеделникот високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

„Ситуацијата е загрижувачка, не можеме да исклучиме инцидент“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Борел ја пофали Украина за воздржаноста и побара од Русија итно да ги намали тензиите.

Високиот претставник изрази загриженост и за здравјето на рускиот опозициски активист Алексеј Навални.

На 31 март, Навални престана да зема храна во знак на протест за лошите затворски услови. Навални ги обвинува затворските власти дека му забраниле пристап до лекар и лекови.

„Руските власти мора да му дозволат пристап до лекарите на кои им верува. Тие се одговорни за неговата безбедност и здравје“, рече Борел.

Меѓутоа, Европската унија не подготвува никакви нови санкции против Русија за насобирањето на војска на украинската граница и за Навални.

„Засега не се работи на тоа. Работите можат да се променат, но сега е таква ситуацијата“, рече Борел.

Слични содржини