Британски хуманитарен работник почина во притвор во источна Украина: Објавена причината за смртта

од Stefanija Kuzmanovska

Британскиот хуманитарен работник Пол Јури (45), кој беше заробен од проруските сепаратисти во источна Украина, почина во притвор, соопшти локален функционер во самопрогласената Доњецка Народна Република.

Непрофитната мрежа Presidium Network на 29 април објави дека Јури бил приведен на контролен пункт во јужна Украина со неговиот британски колега Дилан Хили.

Според „Гардијан“, претставниците на ДНР подоцна ги обвиниле дека се „платеници“.

Дарија Морозова, омбудсман на ДНР која се грижи за правата на затворениците, во петокот на Телеграм напиша дека Јури починал на 10 јули поради „болест и стрес“.

– Веќе при првиот медицински преглед на Пол Јури му беа дијагностицирани голем број хронични заболувања, меѓу кои хроничен дијабетес, оштетување на респираторниот систем, бубрезите и голем број болести на кардиоваскуларниот систем. Од наша страна и покрај тежината на наводното кривично дело, на Пол Јури му е укажана соодветна лекарска помош – додаде Морозова.

Неговата мајка Лидија претходно изјави за Би-Би-Си дека нејзиниот син е дијабетичар и дека му треба инсулин.

Јури е првиот познат странец кој почина во притвор на проруските сепаратисти од почетокот на конфликтот.

Слични содржини