Бугарија го протера и вториот рускиот дипломат поради шпионажа: Почекаа да закрепне од Ковид 19

Вториот од двајцата руски дипломати, кои Бугарија ги прогласи за персона нон грата поради обвинувања за шпионажа на 23 март, ја напушти земјата, соопшти денеска руската амбасада во Бугарија.

„Втор руски дипломат, на кого претходно му беше дијагностицирана инфекција на Ковид 19, закрепна и ја напушти територијата на Бугарија денес“, изјави портпаролот на амбасадата, пренесе руската агенција Тасс.

На 23 март, бугарското Министерство за надворешни работи прогласи двајца дипломати во руската амбасада во Софија за персона нон грата и им даде 72 часа да ја напуштат земјата поради активности што, наводно, не биле во согласност со нивниот дипломатски статус. Руската амбасада соопшти дека „ја смета одлуката на бугарската страна за неоснована“.

Обвинителите на бугарската Република на 19 март објавија дека група од шест сегашни и поранешни функционери на националното Министерство за одбрана и военото разузнавање биле уапсени под сомнение дека шпионирале за Русија. Операцијата беше спроведена со поддршка на ЕУ и Соединетите држави.

Слични содржини