Бугарија спомнува други услови покрај „бетонираната“ преговарачка рамка: „Билатералниот спор не гарантира целосна интеграција на Македонија во Унијата“

од Nikola Popovski

Полека изминува годината, а темата околу уставните измени и понатаму ја бранува јавноста. Откако на самитот ЕУ-Западен Балкан не добивме почеток на официјалниот дел од преговорите и одржување на Втората меѓувладина конференција, земјава останува во „лимбо“ состојба. Иако официјална Софија го очекува внесувањето на Бугарите во Уставот, потајно не кријат дека „бараат“ и други услови, иако претходно порачуваа дека нема да поставуваат дополнителни обврски. -Условите кон нашата соседна земја не се само уставни измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протоколи, изјавила бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел. Според неа, важно е Софија да види напредок во другите правци доколку има потешкотии со уставните измени. Габриел посочила дека се одржани два технички состаноци во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок.

Како да се толкуваат пораките од Софија?

За дел од експертите, основата на интегративниот процес за Македонија, покрај барањата на Бугарија, е и целокупниот реформски пакет. Политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ смета дека билатералниот спор, кој за жал стана европски, е пречка за отворање на преговарачкиот процес, но не гарантира целосна интеграција во унијата.

Иво Ранѓеловиќ

-Како поминува времето, општествово веќе не знае на што да верува кога ќе му биде посочена синтагмата “единствен услов” или “последна пречка”. Ваквиот несериозен пристап од страна на Брисел, при отсуство на консолидација меѓу земјите членки на ЕУ, ја усложнува и така тензичната ситуација во регионот. Се повеќе мислам дека само преседан може да ја внесе Македонија и регионот во ЕУ, а не реформи, истакнува Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска порача дека никој нема да може да формира Влада доколку во наредните три месеци од таа Влада нема да обезбеди уставни измени. Според него, такви се околностите геополитички. За Ранѓеловиќ, не се само геополитичките околности, туку и зависноста на оваа држава да формира влада без амин од странски фактор.

-Притисокот ќе биде уште поголем и поконкретен за уставните измени, следуваат политички уцени и ултиматуми со цел промена на уставот. Во јавноста се споменува и широка коалиција по изборите која би ги спровела промените во уставот. Без разлика на изборните резултати, просторот да се избегнат уставните измени останува во рамки на теорија, дециден е соговорникот.

Од друга страна, дел од јавноста не е задоволна од досегашните, како што велат, отстапки. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, она кое оваа владејачка структура го направи, многу повеќе ни нанесе штета, отколку што ни донесе некакви придобивки.

Александар Ристевски

-Тоа што и покрај толку променети бугарски Влади, ставот е тој, покажува дека Бугарија има своја зацртана агенда, која некој од наша страна ја дозволил, а е за нас како нација неприфатлива. Не, уставните измени не се единствен услов, и нема ни да бидат. Тоа го гледаме и во договорот со Грција. Прифативме се‘, и уставното име си го сменивме, од иституциите го отстранивме „македонска, македонски и Македонија“, па дури и ќе имаме НМК на колите иако нашиот знак и кратенка меќународно призната е МК и МКД. Грција од друга страна знаци и паткоази не сменила, секаде сме FYROM, плус и тие неколку договори и ратификации не ги проаќа во нивното собрание, истакнува Ристевски за „Локално“.

Според него, со Бугарија состојбата е уште по ектремна.

-Нема простор повеќе за отстапки. И тоа што е потпишано е премногу, а се нема никакви гаранции. Без гаранции и рокови, нема простор за компромиси. Габриел си ја врши работата за која е платена, добро би било и нашите да го прават истото, да ги штитат македонските национални интереси, објаснува соговорникот.

Во однос на ставот на Османи, Ристевски смета дека „министерот пробува повторно себе и ДУИ ги факторизира како пресудни при формирање на идна Влада, а и да наметне простор тоа што не успеало со СДСМ и Ковачевски како Владин кабинет, дека ќе го стори Таљат Џафери и ДУИ како носител на Владата“.

-Кој ќе ја формира следната Влада, зависи од волјата на народот, а според сите анкети и анализи, бројките во Собранието ќе бидат дијаметрално различни од оние кои се денес, во полза на севкупната опозиција. Сметам дека кажаното на Османи се зборови на очај, затоа што без придобивката која ДУИ ја имаа од „мајскиот договор“ (м.з. принципот победик со победник од македонскиот и албанскиот блок) ги прави нерелевантни кога било која партија или коалиција ќе има 61 пратеник. Да не заборавиме ДУИ како политички субјект кој нема ниту 100.000 гласови, има 12 пратеници, ја контролира цела Влада и пола држава. Нема да имаме политички ќорсокак. Ние веќе сме во политички ќорсокак. После изборите ќе излеземе од истиот, потенцира Ристевски.

Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени, останати изјави се политички став, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ. Одговарајќи на новинарски прашања за изјавата на бугарската вицепремиерка, Марија Габриел, Маричиќ кажа дека договорите за добрососедство и Преспанскиот се ставени во преговарачка рамка и државата ќе ги почитува до крајот на преговорите.

Во заклучоците на Европскиот совет пишува дека штом се направат уставните измени, веднаш без никакво натамошно одлагање, без нова политичка одлука што е многу битно ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер.

Н.П.

Слични содржини