Бугарски аналитичари за „Локално“: Победничката позиција на Бугарија е позитивно да зборува за С. Македонија, а крајниот победник ќе бидат македонските граѓани

од Nikola Popovski

Бугарскиот претседател Румен Радев влезе во конфликт со европските институции поради политиката кон Северна Македонија. Во понеделникот тој испрати остра порака до европските лидери, откако шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, само неколку часа претходно објави дека од европска перспектива нема пречка за пристапување на нашата земја. Ова доаѓа пред вчерашните ведри тонови од Берлин, од каде германскиот канцелар Олаф Шолц упати гаранции дека Македонија нема да добие нови услови на европскиот пат кон членство во Унијата. Oстанува да се види дали Радев ќе реагира и на ставот на Шолц, откако веќе го обвини Скопје за лобирање и го постави прашањето дека „никогаш досега не и било дозволено на земја кандидат за членство да има такво влијание врз работата на европските институции“.

Бугарската јавност со внимание гледа на развојот на настаните од последните упатени пораки. Универзитетскиот професор Михаил Иванов и поранешен советник на екс претседателот Жељу Желев, во разговор за „Локално“ вели дека писмото на Радев е спротивно на духот и содржината на пофалбите што Македонија ги доби од Борел.

Михаил Иванов

-Содржи остри критики и непринципиелни напади, со кои се прави обид да се туркаат преговорите за пристапување на Северна Македонија во тесните рамки на билатералните бугарско-македонски односи и со тоа објективно да се отежни процесот. Но, треба да се има предвид дека според член 105 став 1 од Уставот на Република Бугарија: „Сојузот на министри ја насочува и спроведува надворешната политика на земјата во согласност со Уставот и законите“. Т. е. тоа не е претседателот. Навистина, како резултат на дупките во нашиот основен закон, доживеавме период во кој генералот Радев сам владееше и ја претставуваше земјата со преодни влади назначени и предводени од него. Но, по одобрувањето од страна на парламентот на редовна влада на чело со академик Николај Денков, овој период заврши и можеби тоа го нервираше г-дин Радев. Напредно, на полето на надворешната политика, вклучително и на нашите односи со вашата земја, важно е да се следат сигналите што доаѓаат од премиерот Денков и министерката за надворешни работи, Марија Габриел, укажува професорот.

Нагласува дека процесот на пристапување на вашата земја во Европската унија целосно подлежи на односите меѓу Северна Македонија и Унијата во целина.

-Во оваа смисла е забелешката на Борел дека „билатералните прашања нема да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување“. Откако започнаа пристапните преговори на 19 јули 2022 година на меѓувладина конференција, од Брисел не може да се очекуваат какви било чекори за блокирање на овие преговори, а токму тоа го нагласи Борел. Со други зборови, напредокот на преговорите целосно ќе зависи од степенот на исполнување на обврските преземени од самата Северна Македонија. Поважно, претставникот за надворешна политика на ЕУ ја пофали вашата земја, велејќи дека „добро напредува“. Што се однесува до уставните измени, треба да се нагласи дека Уставот и законите на Република Северна Македонија се пред се работа на македонските граѓани и нивните претставници во парламентот. Во овој контекст, вашата земја треба да направи се што е неопходно за да го синхронизира своето законодавство со правото на Унијата, вклучително и исполнување на својата обврска за измена на Уставот, ни посочува Иванов и порачува дека дека приемот на нашата земја во Европската унија е тема на дијалог меѓу нас и Унијата, а не тема на дијалог меѓу нас и Бугарија.

Марија Симеонова

Координаторката на програмата „Wider Europe“ и канцеларијата на „ECFR“ во Софија, Марија Симеонова во разговор за „Локално“ истакнува дека условот Скопје да ги започне преговорите со ЕУ е јасен и неоспорен, а тоа е вклучување на Бугарите во уставот.

-Поради оваа причина, победничката позиција на Бугарија и нејзините лидери во моментов е позитивно да зборуваат на темата Северна Македонија, вели Симеонова.

Истакнува дека во согласност со процесот на пристапување, Северна Македонија бележи значителен напредок.

-Впечатливи беа и напорите на политичката елита и општеството за надминување на спорот со Грција. Спорот со Бугарија мора што поскоро да го решат политичарите. Крајниот победник од ова ќе бидат македонските граѓани, децидна е Симеонова.

Соговорничката очекува и се надева дека измените во Уставот ќе бидат одобрени од македонското Собрание.

-Само на тој начин билатералниот спор со Бугарија ќе биде изваден од рацете на политичките актери кои го користат за внатрешно-политички цели, како во Северна Македонија, така и во Бугарија, заклучува Симеонова.

Н.П.

Слични содржини