Бугарските и романските аеродроми ја укинаа пасошката контрола за граѓаните на ЕУ

од Nikola Popovski

Романија и Бугарија денеска влегоа во Шенген зоната со воздушните и поморските граници, а на аеродромите во Софија и Букурешт беа отстранети пасошките контролни пунктови за патниците кои заминуваат или пристигнуваат од земјите-членки на ЕУ.

Одлуката за делумно пристапување на Бугарија и Романија во Шенген беше донесена од Советот на ЕУ на крајот на 2023 година, кога Австрија се спротивстави на нивното целосно пристапување, посочувајќи дека овие две земји мора да направат повеќе за да ја спречат илегалната имиграција, пренесува Ројтерс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го поздрави чекорот како „огромен успех за двете земји“ и „историски момент“ за најголемата зона за слободно патување во светот.

„Ова е многу убаво достигнување за Бугарија, што ја олеснува работата за нас Бугарите. Се чувствуваме како Европејци, тоа е многу важна работа, а патувањето е многу поубаво, без проверки“, изјавил Минчо Јуруков, патник од Берлин.

Романија и Бугарија чекаа 13 години на ваквата одлука. Двете земји се членки на Европската унија од 2007 година.

Слични содржини