Чавков за „27 Април“: Не комуницирав со Јанакиевски и Ристовски, ниту за протестите

Со сослушање сведоци предложени од одбраната во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Прв сведочеше поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој рече дека на 27 април 2017 година имал интензивни комуникации со своите колеги задолжени за извршување на полициски акции и дека немал никаков контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

„Не сум имал никаква комуникација со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, пред, дента и по случувањата од 27-ми април во Собранието“, истакна Чавков. Исто така, тој посочи дека со Јанакиески и Ристовски не комуницирале ниту за протестите „За заедничка Македонија“. Додаде и дека отворањето на вратите било изненадување за сите, па и за самите полициски службеници.

Прашан дали на 27 април 2017 година бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Чавков рече дека ако некој посочи дека го видел таму, лаже. На прашање од Судот дали е член на политичка партија, рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, но дека никогаш немал партиска функција и тоа останало само како членство.

Тој посочи и дека комуницирал постојано со полицијата. Единствено за време на упадот во Собранието, имал телефонски разговор со поранешниот премиер Никола Груевски, кој му се јавил и изразил загриженост за тоа што се случува во законодавниот дом. За Александар Василевски – Нинџа рече дека не се познавале лично, за него знаел само дека е сторител на повеќе кривични дела.

Слични содржини