Чешка бара Хашки трибунал за Русите

од Nikola Popovski

Чешката Република, претседавачот со Европската унија, вчера повика на формирање „специјален меѓународен суд“ каде ќе се судат злосторствата извршени врз цивили во украинската војна.

Владата во Прага предложи формирање на некој вид Хашки трибунал за злосторства во Изум, град во североисточна Украина каде минатата недела беше откриена масовна гробница по повлекувањето на руската армија.

„Русија зад себе остави масовни гробници на стотици застрелани и мачени луѓе во областа Изум. Во 21 век ваквите напади врз цивилното население се незамисливи и грозоморни. Тоа не смееме да го превидиме“, напиша на Твитер чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски.

Липевски додаде дека Чешка се залага за казнување на сите воени злосторници и повика на брзо формирање на специјален меѓународен суд. Украинските власти тврдат дека повеќе од 440 тела биле пронајдени во масовна гробница во Изум, некои со рацете врзани зад грб.

Во исто време, британските служби објавија дека по неодамнешните неуспеси на фронтот, Русија ќе ги засили нападите врз цивилната инфраструктура во Украина, дури и кога станува збор за цели кои немаат воено значење, пренесува Ројтерс. Според овие извори, Москва има намера да го уништи моралот на украинското население и властите во Киев со гаѓање на цивилни објекти.

Москва завчера соопшти дека украинската армија го гаѓала Белгородскиот регион во Русија и дека во тој напад била убиена жена. Како што додаваат во Кремљ, уште две лица се ранети во нападот на селото Красни Кутор во руската погранична област Белгород.

Вчера „Гардијан“ објави текст од градот Белгород во кој се наведува дека дел од населението од пограничните региони на Русија се плаши дека војната може да се прелее од Украина во Русија. Не станува збор само за напади каков што објави Москва завчера, туку и за општата воена атмосфера во Белгород. Насекаде се гледаат бегалци и војници кои се повлекле во неодамнешната украинска контраофанзива. Руски борбени авиони постојано летаат над градот.

Вчера пристигна и вест дека украинската армија истрелала две ракети од повеќецевни ракетни фрлачи ХИМАРС кон градот Сватово во самопрогласената Луганска Народна Република. Ова го соопшти претставништвото на ЛНР во Заедничкиот центар за контрола и координација на прашањата поврзани со воените злосторства на Украина.

Украинската армија во изминатите 24 часа 45 пати гранатираше населени места во самопрогласената Народна Република Доњецк, испукајќи 211 куршуми, соопштија истовремено од претставништвото на ДНР, пренесе „Спутник“.

Нападот на Русија врз Украина и глобалната криза со храна, која беше засилена со војната, ќе бидат во фокусот на светските лидери кога ќе се сретнат во Њујорк оваа недела на Генералното собрание на ОН, но малку е веројатно дека ќе донесе некаков напредок кон ставање крај на конфликт, пренесува Танјуг.

„Би било наивно да се мисли дека сме блиску до можен мировен договор. Шансите за мировен договор во моментов се минимални“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во пресрет на Генералната дебата во рамки на редовната годишна сесија на Генералното собрание на светската организација од 193 члена.

Геополитичките поделби, засилени со седуммесечната војна во Украина, најверојатно ќе бидат целосно прикажани за време на Генералното собрание на ОН, каде што САД и западните сојузници ќе се натпреваруваат со Русија за дипломатско влијание, наведува британската агенција.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд рече дека „другите земји изразија загриженост дека додека се фокусираме на Украина, не обрнуваме внимание на она што се случува во другите кризи ширум светот“ и најави дека тоа ќе биде „само една на темите“ на седницата.

Гутереш изјави дека геополитичките поделби се „најголеми од Студената војна“. Тој предупреди дека тие го „парализираат глобалниот одговор на драматичните предизвици со кои се соочуваме“, наведувајќи ги војната, климата, сиромаштијата, гладот ​​и нееднаквоста.

Русија и Украина се главни извозници на жито и вештачко ѓубриво, а Обединетите нации ја обвинија војната за влошување на кризата со храна, која веќе беше поттикната од климатските промени и пандемијата Ковид-19.

САД ќе бидат домаќини на самит за безбедност на храната со Европската унија и Африканската унија, на маргините на состанокот на ОН, на кој исто така треба да се одржи министерски состанок за глобалниот акционен план за ковид-19 и конференција за зафатеноста на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, соопшти дека Лавров досега добил барања за околу 20 средби со други лидери на маргините на Генералното собрание на ОН.

Слични содржини