Четири лица под истрага за шверц на кокаин

од Vladimir Zorba

​Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска издаде наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Наредбата е издадена откако вчера под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Единицата за недозволена трговија со дрога при Министерството за внатрешни работи спроведе акција на неколку локации во Скопје и Прилеп, при што од слобода се лишени четирите лица. Акцијата е резултат на повеќемесечна меѓународна истрага и формирани истражни тимови меѓу ОЈО ГОКК, албанското Специјално јавно обвинителство и Одделот за организиран криминал на Албанија.

Како што соопшти Јавното обвинителство осомничените во текот на месец јуни 2021 година, заедно со неправосилно осуден македонски државјанин, неовластено заради продажба набавиле 324,4 килограми кокаин од неидентификувани лица од Албанија, со намера дрогата да ја пренесат до Италија.

Откако претходно се договориле, осомничените на 16 јуни 2021 година поединечно на различни гранични премини излегле од земјава и се сретнале на територијата на албанскиот град Драч. На непозната локација во Албанија, неидентификувани лица – албански државјани и првоосомничениот во просторот кај резервоарите со нафта на камион „Даф“ сместиле 300 пакувања кокаин со тежина од 324,4 килограми. Четворицата осомничени вечерта се сретнале со неправосилно осудениот, по што тој со камионот се упатил кон пристаништето во Драч со цел дрогата да ја пренесе во Италија. Тројца од осомничените на 18 јуни 2021 година во 1 часот по полноќ на граничен премин „Кукс/Морина“од Албанија влегле во Косово со автомобил марка „Мерцедес“, по што влегле во земјава преку преминот „Блаце“ – првоосомничениот како пешак, а другите двајца со возилото „Мерцедес“, како возач и сопатник. Во исто време четвртиот осомничен со автомобил марка „Голф“ со бугарски регистарски ознаки влегол во државава преку граничниот премин „Свети Наум“.

Како што посочуваат од Јавното обвинителство, истиот ден напладне во пристаништето во Драч при скенирање на каминот со дрога од страна на службени лица од Царинската управа на Албанија биле откриени сокриените пакувања кокаин и неправосилно осудениот е лишен од слобода и му била определена мерка притвор и е осуден од тамошниот Суд на казна затвор во траење од осум години.

Од ЈО наведуваат дека при вчерашната акција еден од осомничените во обид да им избега на полициските службеници се повредил и се наоѓа на лекување, додека останатите тројца во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.

– Предметниот обвинител ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените, се наведува во соопштението на ЈО.

Слични содржини