Човекот кој му се спротивстави на Фаучи поднесе оставка

од Stefanija Kuzmanovska

Научниот советник на Доналд Трамп, д-р Скот Атлас, познат по тоа што е скептичен во врска со воведувањето мерки за борба против коронавирусот, поднесе оставка.

Официјален претставник на Белата куќа потврди дека неврорадиологот од Универзитетот Стенфорд поднесе оставка на крајот од неговиот привремен ангажман во американската администрација, пренесува АП. Веста за оставката ја потврди и Атлас преку објава на Твитер.

Атлас се приклучи на тимот на Белата куќа во текот на летото и влезе во судир со врвните владини советници за коронавирус, вклучувајќи го и д-р Ентони Фаучи, кој повика на поостри епидемиолошки мерки.

Тој ги критикуваше напорите за поттикнување на луѓето да носат заштитни маски и само пред неколку недели на Твитер, по повод воведувањето на нови мерки во Мичиген, ги повика граѓаните да се спротивстават на таа одлука.

Универзитетот Стенфорд се огради од својот професор, истакнувајќи во изјавата дека „изразува ставови што не се во согласност со одговорот на универзитетот на пандемијата“.

Слични содржини