Чулев за литиите и прекршувањата на полицискиот час: Грешки се направени и во мое име се извинувам

од Nikola Popovski

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во интервју за Сител телевизија изјави дека сите одлуки и уредби кои биле донесени од Владата, без разлика на нивното различно мислење со нив, тој максимално ги имплементирал како МВР, во корелација со БЈБ.

„Морам да кажам дека МВР е многу оптоварено и има ограничувачки капацитети. Тоа што ме обвинуваат тоа се политички обвинувања во пресрет на парламентарните избори, бидејќи јас сум единствен претставник на опозицијата“, вели Чулев.

На прашањето за литиите, молитвите за Рамазан Бајрам и прекршувањата на полицискиот час пред очите на полицијата, тој изјави дека во тек се и контроли на постапување на полицијата во сите сектори за внатрешни работи.

„Со оглед на огромниот обем на работни активности и задачи, и огромниот број на припадници на вработени во МВР, грешки и пропусти се можни, и јас не велам дека не се направени грешки. Грешки се направени и во мое име се извинувам. Меѓутоа генерално јас сум задоволен од постапување на припадниците на МВР, бидејќи тие деноноќно се на терен, под огромен притисок на јавноста. Полицијата не може да биде присутна на секое сокаќе, на секое место, на секој маркет“, изјави Чулев.

Слични содржини