Дали програмата за вакцинација во Европа е успех или фијаско?

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот на вакцинирани Европејци, според Светската здравствена организација, е „неприфатливо мал, а компаративните податоци собрани од страницата „Нашиот свет во податоци“ (Our World in Data) покажуваат дека Европската унија заостанува далеку зад Велика Британија и Соединетите држави“.

Во средината на април, САД вакцинираа 39 проценти од населението со првата доза и 25 проценти со втората доза, во Британија 49 проценти ја примија првата доза и 14 проценти втората, додека процентот на вакцинирани Европејци е значително помал – само 16 проценти со првата и седум проценти со втората доза.

Поранешниот белгиски премиер и претседател на Конференцијата за иднината на Европа, Гај Верхофстад, ја опиша програмата за вакцинација на ЕУ како „фијаско“.

Како една од главните причини зошто Европа, еден од најбогатите делови на светот, со силна инфраструктура и добро развиен здравствен систем, заостанува далеку зад другите развиени земји кога станува збор за вакцинациите, што значи и излез од кризата, „De Groene Amsterdammer“ наведува дека Европа не гледала на набавка на вакцини како геополитичко прашање.

Додека ЕУ остана верна на принципите на слободниот пазар и меѓународната соработка за време на пандемијата, Америка и Велика Британија беа водени од „национализмот на вакцините“. Во јануари 2020 година, и пред вирусот да се појави на островот, Велика Британија понуди финансирање на Универзитетот во Оксфорд за истражување и развој на вакцина против корона, под услов Британија да го добие приматот при испорака. Во исто време, таа го обврза Оксфорд да соработува со лондонската фармацевтска компанија „АстраЗенека“.

Европа и Германија, од друга страна, не презедоа ништо за да ја задржат германската компанија „Бајонтек“, која работеше на развој на многу ветувачка вакцина, во Европа, па компанијата најде партнер во американската фармацевтска компанија „Фајзер“. Покрај тоа, Германија не постави никакви услови за инвестирање на 375 милиони евра во развојот на вакцините на „Бајонтек“.

Кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп издаде указ за забрана за извоз на вакцини во декември минатата година, последиците од таа одлука ги почувствува претежно Европа. И додека Америка и Велика Британија ги чуваа вакцините за себе, Европа од декември извезла скоро половина од вакцините – 77 милиони дози произведени во Европа беа извезени во 33 земји надвор од ЕУ, додека 88 милиони останаа за употреба во ЕУ, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен на 25 март. ЕУ дури ја извезе вакцината „Јансен“ произведена во Холандија во САД, дури и пред да започне нејзината употреба во Европа.

Друга причина за големото заостанување во вакцинацијата лежи во приоритетите утврдени од ЕУ при набавка на вакцини. Со цел да се заштити единството на Унијата во време на криза, Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен, во јуни претстави план за заедничка набавка на вакцини и резервираше буџет од над 2 милијарди евра. Преговарачката позиција на ЕУ е зајакната со заедничката акција на земјите-членки, но од друга страна е ослабена од приоритетите утврдени од Унијата: купување широк спектар на различни вакцини, инсистирање на законска одговорност на фармацевтите за можни несакани ефекти и цени.

Додека Урсула фон дер Лејен со гордост ги посочуваше фантастичните услови што ги постигна Европа во преговорите со производителите на вакцини и зборуваше за „европски успех“, фармацевтите, меѓу другото, уште од почетокот на преговорите предупредија дека бараните услови ќе доведат до одложување на испораката. Гунтрам Волф, економист од Брисел и директор на истражувачката организација „Бројгел“, за порталот „Политико Европа“ објасни дека договорите што ЕУ ги склучила со фармацевти не ги мотивирале производителите да го зголемат производството на вакцини за Европа, а во случајот на „Астазенека“, Европа беше буквално на крајната нарачка за испорака.

За разлика од Велика Британија и Соединетите држави, ЕУ не покажа итност што одговара на кризата во која се најде целиот свет. Претпазливоста за која се одлучи ЕУ не само што доведе до доцни договори и доцнења во испораката, туку и до долги процедури за одобрување на вакцините од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА). Ова е и причината што прво Унгарија, следена од Словачка, одлучи да купи вакцини од Кина и Русија, а во меѓувреме Полска, Чешка, Данска и Австрија бараат вакцини надвор од ЕУ.

Истата претпазливост е очигледна во политиките на ЕМА и земјите-членки кога станува збор за вакцината „АстраЗенека“, што во исклучително ретки случаи предизвикува многу опасни несакани ефекти. Одлуката прво да се прекине употребата на оваа вакцина, а потоа да се даде само на граѓани постари од 60 или 65 години, во зависност од земјата-членка, не придонесе за брза вакцинација, ниту за подготвеност на Европејците да се вакцинираат. Според истражувањето објавено од британското научно списание Nature, само 44 до 66 проценти од Европејците сакаат да се вакцинираат, во споредба со дури три четвртини од Американците или скоро 90 проценти од Кинезите.

Можеби ситуацијата во ЕУ наскоро ќе се подобри, недостигот на вакцини ќе помине и вакцинацијата ќе се забрза, бидејќи европските министри ветуваат со месеци, а претпазливоста ќе се исплати. Во меѓувреме, европскиот комесар за единствен пазар Тиери Бретон работи на воспоставување на европски институт во кој, како што е американската агенција за напредно истражување и развој на биомедицина (БАРДА), истражувачите би работеле со фармацевти за развој на вакцини и лекови.

Според Бретон, Европа ќе биде „целосно независна во рок од 18 до 24 месеци“ кога станува збор за производство на вакцини. Дотогаш останува прашањето дали програмата за вакцинација е „европски успех“ или „фијаско“. Тоа е, како што заклучи германскиот новинар Волфганг Минхау, поранешен заменик-главен уредник на „Фајненшл тајмс“ и директор на (EuroIntelligence, за холандскиот неделник „Де Хрун“, со својата програма за вакцинација, „Европската унија им даде на Европејците рационална, не идеолошка причина да се сомневаме во европската соработка“.

Слични содржини