Дали САД со неиспраќањето нова помош за Киев става крај на војната: „Русите може да тргнат во нова офанзива, помирување со фактот дека значителен дел од украинската територија е изгубена“

од Nikola Popovski
640 прегледи

Републиканците во американскиот Сенат го блокираа обидот да се усвои нов закон за нова помош и поддршка на Украина. Очекувано, главните причини беа несогласувањата со демократите за потребата од зајакнување на границата со Мексико и заострување на имиграциската политика. Пакетот од 110 милијарди долари вклучуваше 61 милијарда долари за Украина, како и средства за Израел, помош за Газа и пакет мерки за безбедност на границата. Републиканците инсистираат на тоа дека секоја помош за Украина мора да биде во комбинација со сеопфатните имиграциски реформи и ревизија на американската политика за азил. Од почетокот на војната во февруари 2022 година, американскиот Конгрес одобри повеќе од 110 милијарди долари воена и економска помош за Украина.

Што значи ваквата одлука за војната во Украина?

Загриженоста за иднината на пакетот од 110 милијарди долари се зголеми во вторникот, откако спектакуларно пропадна тајниот брифинг за законодавните лица, чија цел беше да се обезбеди поддршка за ново финансирање. Ваквата одлука е изненадување, ако се земе во предвид претходно недвосмислена поддршка за официјален Киев. Според извршниот директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, Димитар Николовски, оваа блокада од страна на Републиканците укажува на длабоката поделеност во тоа општество во однос на сите прашања, па дури и на меѓународната политика.

Димитар Николовски

Во разговор за „Локално“, тој стакнува дека блокирањето на оваа помош не би значело губење на војната од страна на Украина на краток рок, но дефинитивно доколку продолжи да недостасува меѓународна помош, руските сили можеби ќе направат нова офанзива.

-Доколку целосно секне помошта за Украина, или значително се намали од страна на другите држави-поддржувачки на Украина, ќе мораат да седнат на преговарачка маса за да се стави крај на војната, посочува Николовски.

Тоа, додава соговорникот, би значело помирување со фактот дека значителен дел од украинската територија е изгубена.

-Не верувам ниту дека Путин има сили за целосно освојување на Украина, туку би се задржале на сегашните територии, објаснува Николовски.

Шефот на руската надворешна разузнавачка служба им порача на САД дека поддршката на Западот за Украина ќе го претвори конфликтот во „втор Виетнам“ што ќе претставува проблем за САД во наредните години. Според извршниот директор на Евротинк, не треба да се придава премногу тежина за ова прашање.

-Ако се создава втор Виетнам, улогата на САД тука ја има Русија, а не САД. Како и претходно, Русија се обидува да го заплаши Западот со катастрофални последици од неговата поддршка за Украина, но Русија нема сила да ги исполни заканите и на таков начин да го вовлече Западот, оценува соговорникот.

 

Гласањето во американскиот Сенат беше по партиска линија, при што сите републиканци во Сенатот гласаа против, заедно со сенаторот Берни Сандерс, кој е независен кој вообичаено гласа со демократите, но изрази загриженост за финансирањето на сегашната „нехумана воена стратегија“ на Израел против Палестинците.

Против гласаше и лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, за да може да поднесе предлог за повторно разгледување. По гласањето, демократот Шумер рече дека тоа е „сериозен момент кој ќе има трајни последици за 21 век“, ризикувајќи го падот на западната демократија.

Републиканците рекоа дека гласањето е важно за да се нагласи нивното барање за построга имиграциска политика и контрола на јужната граница.

– Денешното гласање е она што е потребно за демократскиот лидер да признае дека републиканците во Сенатот го значат тоа што го кажуваме. Тогаш да гласаме. А потоа конечно да почнеме да ги исполнуваме приоритетите за национална безбедност на Америка, вклучително и овде дома, рече лидерот на републиканците во Сенатот Мич Меконел во говорот претходно во средата.

Републиканците и демократите во Конгресот со месеци дебатираа како да одговорат на барањето на демократскиот претседател Џо Бајден за милијарди долари финансирање за Украина за борба против руските освојувачи, Израел по нападот на 7 октомври од страна на исламистичките милитанти Хамас, американските интереси во Индо-Пацификот и меѓународна хуманитарна помош.

Сепак, двете барања на Белата куќа Конгресот да ги усвои сметките за трошење, не успеаја, а нервозата се шири во американскиот Конгрес бидејќи ќор-сокакот се заканува да се прошири до 2024 година. Демократите тврдат дека помагањето на сојузниците е клучно за поддршка на глобалната демократија и одбрана од автократии .

– Да не погрешите, денешното гласање ќе се памети долго. Да не дозволиме (рускиот претседател Владимир) Путин да победи, рече Бајден претходно во обраќањето во Белата куќа.

Н.П.

Слични содржини