Дали структури блиски на ДПМНЕ се обидуваат да се вмешаат во нелегалните бизниси со дрога, прашува Каевски

од Nikola Popovski

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски денеска обвини дека министерот за внатрешни работи и началникот на СВР Скопје кои ВМРО-ДПМНЕ ги постави согласно ингеренциите добиени од техничката влада, покажуваат голема некадарност во водењето на МВР. Ова следува откако во текот на вчерашниот ден во Скопје се случи убиство, а претходно беше запален и кафе бар.

Според Каевски, овој случај има и подлабоки сомневања.

-Само пред неколку дена обезбедување на Мицкоски тепаше полицаец пред познат скопски локал попречувајќи полициска акција против дрога. Се уште нема одговори во јавноста која беше улогата на обезбедувањето на Мицкоски во спречувањето на акцијата против дрога?

Денеска ДПМНЕ нема да излезе во јавноста со обвинување за него дека ја направил Македонија како Колумбија во 90-тите.

Но, вистинското прашање јавно го поставуваме. Дали е само неспособност на кадрите на Мицкоски во МВР или структури блиски на ДПМНЕ се обидуваат да се вмешаат во нелегалните бизниси со дрога, праша Каевски на прес-конференција.

Синоќа на патот Горно Блаце – Долно Блаце бил пронајден 56-годишен скопјанец со прострелни рани од огнено оружје, кој подлегнал на повредите. Од полицијата го потврдија убиството.

„Во 18.10 ч. во СВР Скопје е пријавено дека во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, Н.Т. го пронашол неговиот брат З.Т. (56) без знаци на живот, со прострелни рани од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Според неофицијални и непотврдени информации, убиениот е татко на Гани Туша, осомничен за убиството на Орхан Бајрами Оки, еден од водачите на Дуќанџик, што се случи во Грција. Туша е осомничен и за други кривични дела и во моментов во притвор во затворот во Шутка.

На убиството му претходеше опожарување на кафулето „Барон“ во скопски Чаир.

Слични содржини