Демократите му дадоа уште еден ден на Трамп сам да се повлече, утре започнуваат да го „рушат“

од Stefanija Kuzmanovska

Демократите денес ќе му дадат последна шанса на претседателот Доналд Трамп да се повлече од функцијата пред да се обидат да го отповикаат по втор пат поради нападот на неговите поддржувачи на Конгресот на 6 јануари.

Претставничкиот дом на САД, во кој демократите имаат мнозинство, планира да гласа за отповикување уште во среда, ако Трамп не се повлече од функцијата до тогаш или потпретседателот Мајк Пенс одлучи да го отстрани според Уставот на САД.

Долниот дом на американскиот парламент ќе гласа во вторник за резолуцијата со која се повикува Пенс да го активира 25-тиот амандман, никогаш претходно употребен, што му овозможува на мнозинството во владата да го смени претседателот ако тој или таа не може да ја исполни својата должност. Сојузниците на Пенс тврдат дека тој не е склон кон идејата.

Насилството што избувна во Капитол минатата недела создаде раздор меѓу Трамп и Пенс, па тие не разговараа со денови, пренесува Ројтерс. Дуото се состана во Белата куќа во понеделникот, а извор од властите тврди дека разговарале за немирите.

„Тие имаа добар разговор, разговараа за следната недела и за изминатите четири години работа и достигнувања на владата“, додаде официјалното лице.

Доколку Трамп не се повлече и Пенс не го активира членот до среда, демократските лидери планираат да разговараат за отповикување во долниот дом, една недела по немирите што ги натераа пратениците да се кријат во зградата на Конгресот со часови и однесоа пет животи.

Слични содржини