Ден откако Вардариште повторно гореше, Орце го најави процесот на одгасување на депонијата

„На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни“, тврди скопскиот градоначалник

од Nikola Popovski
85 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Почна процесот на одгасување на депонијата во Вардариште, како прв чекор кон реализација на проектот за изградба на мегапарк на ова подрачје, соопшти вчера скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Неговата посета на депонијата и целиот процес доаѓа по еден ден откако депонијата повторно беше запалена и гореше.

-По спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште. Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место. Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите – вели Ѓорѓиевски.

Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.

-Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток. На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје, ветува градоначалникот.

На 3 јануари, граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ која ги предводеше повеќемесечните протести во Аеродром поради честото палење, објави дека на состанокот на 30 декември градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски им ветил дека Божиќ ќе почне површински да се чисти депонијата. Им било речено дека депонијата ќе ја чистат екипи на ЈП „Улици и патишта“ и механизација од Општина Гази Баба, а ќе бидат ангажирани и приватни фирми.

Слични содржини