Денот на Свети Патрик – денес се прославува „ирската душа“

од Stefanija Kuzmanovska

Ирците ширум светот секој 17 март се собираат за да го прослават празникот на нивната култура – Свети Патрик. Денес, како што се вели – се слави ирската душа.

Инаку, историјата вели дека светецот-заштитник на Ирска е роден во Банвен, денешен Велс, околу 385 година н.е. Роден како Мејвин, до 16-годишна возраст бил паган. Токму тоа време завојувачи го нападнале неговото село, а тој бил продаден како роб.

За време на ропството, како што оди преданието, се приближил до Бога. По шест години тој успеал да побегне во Галија. Се вселил во манастир, каде што и се образувал следните 12 години, го зел христијанското име Патрик, па се нашол за повикан и да ги покрсти паганите. Така станал ѓакон, потоа проповедник и на крајот бил ракоположен за епископ. Историјата го помни како втор епископ на Ирска.

Според една легенда, Св. Патрик користел детелина со три листа во своите проповеди за да го објасни тројството на Отецот, Синот и Светиот Дух. Денот на светецот е речиси целосно обележан во зелено – луѓето носат зелена облека, јадат зелена храна, па дури и го пијат познатото зелено пиво, за да го одбележат и истакнат значењето на симболот – детелината.

Меѓу попознатите ирски здравици во чест на Св. Патрик вели „Кровот над нас никогаш да не падне, а ние, добронамерниците под него, никогаш да не потклекнеме!“.

Меѓу неизбежните симболи на овој празник е тн. „леприкон“ (leprechaun) – мало, често и минијатурно митско суштество од ирскиот фолклор, претставено како старец облечен целиот во зелено, со зелен костим, кожена наметка, зелена „цилиндар“ капа, и со црвена брада. Во приказните се опишува како човек кој носи среќа, дава натприродни моќи, но и како алчник за злато, а понекогаш и како „син на злото“.

Во Ирска, Ден на Св. Патрик како национален празник масовно се слави со паради, добротворни настани и многу зелено пиво.

Но, денес Свети Патрик се слави низ целиот свет.

Слични содржини