Дескоска: Процедурата за Законот за Јавно обвинителство не беше прекршена

од Aleksandar Todeski

Министерката за правда, Рената Дескоска на денешната комисиска расправа за законите за Јавно обвинителство и Совет на јавни обвинители повторно појасни дека процедурата не е прекшрена, додавајќи дека тоа го потврдил и пратеникот од Илија Димовски.

Фото: Борче Поповски

„Текстот бил утврден на Влада, но поради брзање била пуштена стара верзија, што значи дека само се заменил текстот со оној кој беше утврден. Со ова се покажува дека опозицијата има само желба да го блокира носењето на Законот за јавно обвинителство“, рече Дескоска.

Таа вели дека целта со носењето на овој Закон била да се донесе ефикасен закон за да се направи обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе биде финансиски независно и ќе може да гони висока корупција.

„Создадени се основи за финансиски гаранции со утврдување на дел од буџетот кој ќе се даде на обвинителството и посебни гаранции за обвинителството за организиран криминал и корупција. По барање на една од пратеничките групи, шеф на обвинителството на организиран криминал и корупција ќе биде избран од страна на обвинителите, а оној кој ќе има најмногу гласови, ќе биде избран од страна на Советот за јавни обвинители“, рече Дескоска и додаде дека се покачени сите критериуми за избор на обвинители.

Таа вели дека новина во Законот е тоа што се заострени критериумите за дисциплинска одговорност на обвинителите.

„Препораките кои беа дадени за судиите се пренесени и во рамките за овој Закон. Имаме процедура која оневозможува било кој по сопствена волја да разрешува или да покренува постапки за јавните обвинители. Во овој Закон е отстранета можноста и до недоглед да се оди со постапките за некој обвинител да не биде разрешен“, додаде Дескоска.

А.Т.

Слични содржини