Детали од рушењето на зградата во Врачар, станарите во паника

од Stefanija Kuzmanovska

Станбена зграда се сруши денеска во Врачар, на улицата Видовданска.

На патот кон Врачар има и камиони со песок и камен, со цел да се пополни дупката покрај урнатиот објект и да се обезбеди земја за да нема нови уривања.

Една жителка на урнатата зграда за порталот „Србија Данас“ изјави дека минатата ноќ забележала пукнатини на ѕидот.

Таа додаде дека претседателот на куќниот совет на станарите со денови ги предупредувал изведувачите и инвеститорите дека не е безбедно да се продолжи со копање.

– Синоќа забележав пукања и мали пукнатини на ѕидот. Утрово кога станав, само слушнав застрашувачки звук и истрчав надвор. Разговорите со инвеститорот траат со денови со цел да се запрат работите, а нашиот претседател на куќен совет предупреди дека ако продолжат да работат, може да има инцидент бидејќи не изгледаше воопшто безбедно.

Од Министерството за градежништво навеле дека директна причина за штетата се токму работите на соседната зграда, како и дека сега судскиот експерт ќе ја прогласи срушената зграда за небезбедна и ќе забрани влез во неа, додава „Србија Данас“.

Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, изјави дека градот издвоил пари за сместување за луѓето кои останаа без покрив над главата.

– Пет семејства беа сместени во хотелот Славија, додека две семејства најдоа сместување за себе. Градот обезбеди пари за семејствата и нивниот престој во хотелот, сè додека не се расчисти ситуацијата – рече Весиќ.

Тој исто така додаде дека на инвеститорот, поради чии дела објектот бил оштетен, му се слошило веднаш штом ја слушнал веста и отишол во болница, а на лице место пристигнал неговиот син.

Наредено е итно вештачење со цел да се забрза целата постапка.

Фото: Србија Данас

Слични содржини