Џафери: Постизборен договор ќе биде дали Албанец повторно ќе биде претседател на Собранието

од Aleksandar Todeski

Има многу настани и работи кои се случиле а можеби не требало да се случат. Овој мандат ќе служи како поука кои работи не треба никогаш да се случат. Не би сакал да се навратам на 27-април, во секој случај овој состав успеја да ги реализира сите битни работи, вели во интервју за Канал 5 ТВ претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Според него, носењето на Закони не е во однос на победници или губитници, туку основна наделжност на Собранието.

„Во однос на гласањето на Законот за јазици, мислам дека беше во рамки на демократијата. Останува на јавноста да цени кој каков крај извлекол од случувањето. Во врска со Венецијанската комисија, оценка на комисијата е дека Законот не излегува од Уставот на Република Северна Македонија. Институциите се должни да ги исполнуваат условите за спроведување на секој закон“, истакна Џафери.

Собранискиот спикер вели дека работа на чувство е поврзувањето на Законот за аменстија и гласањето на уставните измени.

„Јас немам убедување дека било кој од пратениците прифатил таква поврзаност. Впрочем, не може да се влијае со ништо врз волјата на пратеникот. Ако работите се поврзале една со друга, тоа е друга работа што можеби остава првично впечаток дека едното е заради другото дејствие. Периодот од една година е краток за да се видат ефектите од овие одлуки. Ова се историски одлуки кои ќе имаат историски реперкусии во позитивен контекст“, рече Џафери потсетувајќи дека мнозинството од граѓаните се за ЕУ и НАТО и затоа смета дека одлуките се исправни.

Тој додава дека нема чувство на солидарност кон претходникот Трајко Вељаноски. Вели, како претседател на Собранието не можел да има различни односи кон пратениците, во врска со замерките дека го спасил од притвор.

„Не мислам дека СДСМ замерува, туку дел од пратениците имаа чувство дека јас тоа солидарно го правам. И тогаш и сега, сите што имаат дилеми прво нека си расчистат со сите нешта внатре, во субјектот. Јас немав предмет за што да се одлучува на седницата. Од правен аспект, сите правници ќе потврдат“, нагласува собранискиот спикер.

Џафери вели дека е свесен дека мандатот му е со ограничен рок, па затоа не знае дали би бил реизбран за собраниски спикер.

„Тоа ќе биде работа на новиот состав. Во суштина јас не бегам од одговорности“, рече тој.

Претседателот на Собранието вели дека тоа е работа на постизборни консултации и не се исклучува можноста Албанец да остане собраниски спикер.

Слични содржини