Џафери-Тицињски: Полска и понатаму ќе ја поддржува земјава во процесот на интеграција во ЕУ

од Andreja Salpe

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војциех Тицињски и на самиот почеток му посака добредојде и упати благодарност за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од Република Полска во нашиот евроатлански и европски  процес.

Амбасадорот Тицињски изрази интерес за актуелностите во законодавниот дом на што Претседателот Џафери накратко го информира за тоа како се справуваше Собранието со предизвиците што ги наметнува пандемијата во изминатиот период и за тоа дека веќе е скоро комплетиран процесот на вакцинација. Потоа, за тековните собраниски активности, меѓу другото и за интерните консултации на Работната група задолжена за Дијалогот Жан Моне, односно претставниците на пратеничките групи и политичките партии претставени во Собранието. Соговорниците споделија заеднички искуства на двата парламенти околу овие теми.

Амбасадорот Тицињски истакна дека Република Северна Македонија е многу значаен партнер за Република Полска и дека и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат нашата земја во процесот на зачленување во Европската унија. Тој го потенцираше и значењето на продуктивната соработка меѓу двата законодавни дома и дека истата треба да се продлабочи на ниво на соработка и меѓу службите. Ова е нешто што може да се реализира во иднина, со споделување на искуства и следење на работите одблиску од двете страни.

Претседателот Џафери го прифати со задоволство овој предлог на амбасадорот и повтори дека Собранието на Република Северна Македонија е секогаш отворено за демократска соработка со сите Парламенти во светот.

Двајцата соговорници се согласија во најблиска иднина, во зависност од Ковид протоколите, да се организира изложба во просториите на Собранието по повод 30-годишнината од формирањето на Вишеградската група. Секако, заложбата за проширување на взаемната соработка  меѓу двете држави во уште многу други области како што се науката, образованието, одбраната, здравството, културата и други области останува взаемен интерес за во иднина.

Слични содржини