Дијабетичарите на протест пред МЗ, бараат промена на моделот за добивање на ленти и апарати

од Vladimir Zorba

Сојузот на здруженијата на дијабетичари денеска протестираше пред Министерството за здравство со барање за основни права за терапии и помагала за дијабетичарите, како и исполнување на ветувањето од денешната средба што ја имаа со министерот за здравство Фатмир Меџити. Иако на денешната средба тие постигнаа договор за набавка на ленти, на протестот упатија уште многу барања кои се неопходни за нив, како што се промена на моделот за добивање на ленти и апарати, промена на законите за јавни набавки и да не зависат од рокови и поединци.

– Денеска е потпишан конечно и договорот после седум месеци и сите процедури и правила, договорот за глукомери и ленти. Значи, пристапено е и кон конечна одлука, се прави економска анализа за следната година промена на моделот за добивање на ленти и апарати, а тоа ќе биде преку референтна цена преку нивен систем – модел којшто ќе го кажат покасно, истакна на денешниот протест претседателот на СЗД, Диме Велев.

Тој рече дека укажано е дека нив ги интересира законот за здравствена заштита за во иднина да нема процедури.

– Министерството пристапува кон промена на моделите, не за да се избегнат јавните набавки, туку да ги нема. Да, имаме право на избор и државата да ни дава нас како и сите други земји нормално, особено од ЕУ, право на избор сами да набавуваме тоа што ни треба, зборувам за помагала. Терапијата ќе си ја добиваме повторно преку докторите, преку државата како и досега без каснење, додаде Велев.

Нагласи дека мора да се направи модел да се изменат и законите за јавни набавки сите хронични болести меѓу кои и дијабетесот и дека не може да зависат од рокови, не може да зависат и не смеат да зависат од поединци.

Информираше дека од понеделник ќе има неограничена антидијабетната терапија и нема да има веќе редуцирани издавања на антидијабетна терапија, ниту џилпи инхибаторите, ниту кардиоваскуларните превенции.

Но, во однос на глукомерите и лентите апелираше министерството да не чека 60 дена по потпишување, како што е според закон, туку, како што кажа, најскромно е седум дена, односно другата недела да се делат ленти и апарати за ТИП 1 додека за ТИП 2 може и покасно.

– Вие знаете дека од 4 јули оваа година Сојузот го промени ставот веќе бараме сите лица со Тип 1 во неколку фази да добијат сензори за да имаат прсти нормално да функционираат и нормално да живеат. Сакаме нови терапии за ретинопатија, сакаме нови терапии и за бубрежни заболувања коишто прават превенции, додаде Велев.

Како последно барање го наведе враќањето на редовната едукација кај медицинските сестри и кај докторите коишто на секој дијабетичар му следи.

– Нашата крајна цел е токму континуирано обезбедување на современа инсулинска и друга антидијабетна терапија и таблетарна, помагала за мерење шеќер на сите пациенти и во секое време ќе бидеме и се погласни и партнери, но ние немаме друга опција освен постојано да потсетуваме дека сме тука и дека можеме и да соработуваме, рече Велев.

Слични содржини