Димитриевски-Гир: ЕУ е еден од најголемите донатори во историјата на нашиот град

од Берта Китинска

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје амбасадорот Дејвид Гир и шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ Штефен Худолин, денеска остварија работна средба на која разговараа за значајни прашања од повеќе општествени области како заштита на животната средина преку преземање на соодветни мерки против аерозагадувањето, функционирање на регионалната депонија, континуирана соработка со младите, кои се иднина на секое општество.

Заедно го посетија и мултифункционалниот центар – хотел „Солун“, каде им се придружија младите европски амбасадори од Куманово, Албрие Џемаили и Дамјан Златановски. Процесот на трансформација на хотел „Солун“ е реализиран со финансиска поддршка од ЕУ, како дел од прекуграничната соработка помеѓу Општините Куманово и Дупница, со цел да се сочува автентичноста на културното наследство на Куманово.

На заедничката прес-конференција, градоначалникот Димитриевски истакна дека ЕУ е голем партнер на општина Куманово и е еден од најголемите донатори во историјата на овој град.

„За денеска како градоначалник е голема чест да го имаме во посета на општината неговата екселенција, господинот Дејвид Гир амбасадор на ЕУ. Разговаравме на повеќе теми, соработката со канцеларијата на ЕУ и општина Куманово е на многу високо ниво. Успеавме досега во нашата соработка да организираме голем број заеднички проекти кои беа финансиски покриени од страна на канцеларијата на ЕУ и средства на граѓаните на ЕУ. За тоа сме многу благодарни како општина, разговаравме за отворениот проект за решавање на проблемот со третманот на загадувањето и дополнително решавање на годишниот проект за трајно решение на ѓубрето коешто е сериозен проблем во градот. Ова е проект којшто се реализира од страна на источниот и североистичниот регион, а конечната цел е да се затвори градската депонија Краста и да се изгради нова фабрика за преработка на отпадот во овие два региони во територија на општина Свети Николе, кадешто општина Куманово е еден од најголемите партиципиенти во проектот, а целиот проект е грант на ЕУ. Дополнително, и за плодната соработка којашто општина Куманово ја има на проекти преку гранична соработка со Република Косово и Република Бугарија каде досега успеавме да имплементираме заедно вкупно во изминатите четири години 4 проекти, од коишто најзначајно последниот за нас е проектот за реконструкција на поранешен хотел „Солун“, а исто така и проектот на Спомен Костурница и уредување на спортските игралишта и дел од амфитеатарот. Дополнително, изградба на атмосферска канализација на едно од локациите во градот и исто така покривање на градскиот пазар на локација стар градски пазар во градот. ЕУ е голем партнер на општина Куманово и е еден од најголемите донатори во историјата на нашиот град, се отвораат нови можности за соработка на нови полиња. Ги очекуваме отворените повици кои треба да следат, а ние како општина сме подготвени кадровски и капацитетно да одговориме на самите повици со цел да ги намалиме комуналните и други проблеми на граѓаните“, потенцираше Димитриевски.

Амбасадорот Гир на прес-конференцијата информираше дека на средбата имало широка дискусија и опфатени биле многу прашања, но се задржале на четири конкретни прашања.

„Првото од овие прашања како што кажа градоначалникот беше зелениот договор и работите што се преземени во врска со остварување. Разговаравме за она што е веќе започнато, оние проекти што продолжуваат и оние што допрва треба да започнат. Најголемата инвестиција тука е влогот во системот за управување со отпад којшто е за североисторичниот и источниот регион. Кога ќе се спроведе, ова навистина ќе доведе до големо подобрување за граѓаните на овој регион и ќе го стави самиот регион на фронтот на прво место во однос на управувањето со отпад. Но, како што кажа и градоначалникот тоа е сложен проект којшто опфаќа голем број на чинители и навистина потребни се многу работи, но, во овој момент мора навистина да започнеме побрзо да работиме, да унапредуваме со неговите остварувања за што побрзо граѓаните да ги ползуват неговите придобивки“, рече Гир.

Амбасадорот Гир изјави дека разговарале за различни аспекти за тоа како да се раззелени, односно да се направи градот по еколошки чист и како животната средина да се подобри

„Секако, чистиот воздух е нешто што е од суштинско значење, секојдневно живееме, го дишеме тој воздух. Ми беше мило што можевме за сите начини на коишто ЕУ може да помогне во овој процес особено кога станува збор за системите во градинките и основните училишта, односно оние системи коишто ќе помогнат да се намали аерозагадувањето. Исто така, разговаравме и за други начини на коишто ќе можеме да помогнеме, да оствариме, а тоа е овој град да стане лидер во однос на еколошките прашања, прашањата за животната средина. Зборувавме и за поврзувањето, еден добар чекор во таа насока е рехабилитацијата на автопатот Куманово-Страчин, зборувавме и за дигитализацијата и за придобивките од неа. Зборувавме за младите, оваа година е европска година на младите. Младите се приоритет за Европската Унија веќе подолго време, така што разговаравме за начините на коишто може тука младите да ги ставиме во фокус на коишто може на кој начин да ги ангажираме тука. Многу ми е мило што за кратко време ќе ни се придружат двајца од оние што ги нарекуваме европски младински амбасадори коишто се од тука од Куманово и многу ми е мило што ќе може заеднички да соработуваме. Во историски град како Куманово со огромно културно наследство секако дека зборувавме и за културата. Разговаравме за начините на коишто ЕУ успеа да го понуди тоа културно наследство по пат на проектите за преку гранична соработка и за кратко ќе одиме во посета на хотелот „Солун“ којшто е еден од оние објекти кои беа рехабилитирани со помош на овие грантови, односно со преку граничната соработка. Навистина, со нетрпение очекувам почесто да доаѓам тука, да се вклучам и да ги гледам културните активности и да гледам како сите овие проекти ќе се одвиваат и понатаму“, посочи Гир.

Слични содржини