Директорот на болницата во Газа: „Израелците се внатре, пациентите вриштат – не можеме да направиме ништо“

од Stefanija Kuzmanovska

Израелската армија во средата објави дека влегла во комплексот Ал Шифа, најголемата болница во Газа, повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат.

Д-р Мунир ал Бурш, генералниот директор на болницата во Газа, изјавил за „Ал Џезира“ дека израелските сили влегле во западниот дел на здравствениот комплекс.

„Се слушаат големи експлозии, а прашина доаѓа до областа каде што се наоѓаме. Веруваме дека експлозијата се случила внатре во самата болница“, рече Бурш.

Неколку часа подоцна, портпаролот на министерството за здравство, Ашраф ал-Кидра, за истите медиуми изјавил дека „окупациската војска сега е во подрумот и го пребарува“.

„Тие се во комплексот, пукаат и гранатираат. Израелските сили најпрво ги нападнаа одделите за хирургија и итни случаи“, рече Мохамед Закут од министерството за здравство.

„Ројтерс“ засега не може самостојно да ги потврди овие наводи за ситуацијата во болницата Ал Шифа.

„Асошиејтед прес“ објави дека телефонски разговарал со Мохамед Закут, кој им рекол дека израелски тенкови влегле во медицинскиот комплекс и дека војниците влегле во зградите, вклучувајќи итни и хируршки одделенија, во кои се сместени и единиците за интензивна нега.

„Окупаторските сили упаднаа во зградите“, налутено рекол тој преку телефон.

Тој истакнал дека пациентите, вклучувајќи ги и децата, биле преплашени.

„Тие вриштат. Тоа е многу страшна ситуација. Не можеме да направиме ништо за пациентите освен да се молиме“, заклучил Закут.

Слични содржини