Додик: Ја обвинуваат Република Српска дека подготвува отцепување, а што е со Косово

Америка уште еднаш ја потврди својата цврста решеност да го уништи европскиот пат на БиХ за да го задржи лажливиот Шмит и да господари на овој простор“напиша Додик во пост на „Х“.

од Бети Божиноска

Реагирајќи на извештајот на американските разузнавачки служби за заканите во светот, во кој е посочен лидерот на Република Српска, Милорад Додик, денеска истакна дека САД ја потврдуваат цврстата решеност да го уништат европскиот пат на БиХ, да го задржат (лажниот) висок претставник Кристијан Шмит во Сараево и да господарат во регионот.

Додик е споменат во извештајот како политичар што „презема провокативни чекори за да го неутрализира меѓународниот надзор во Босна и Херцеговина и да обезбеди, де факто, отцепување на неговата Република Српска“.

„Извештајот во делот поврзан со Западен Балкан покажува дека Америка сака некое ново жариште каде еден од најнеуспешните претседатели во историјата на Америка би можел да добие некој поен пред изборите. Тие успеаја да напишат толку многу лаги во една реченица и да го истурат сиот свој отров за да создадат простор за понатамошни интервенции и блокирање и на Република Српска и на Федерацијата. Америка уште еднаш ја потврди својата цврста решеност да го уништи европскиот пат на БиХ за да го задржи лажливиот Шмит и да господари на овој простор“напиша Додик во пост на „Х“.

Претседателот на Република Српска додава дека е загрижувачки што Американците со толкава сигурност зборуваат за можни конфликти во БиХ, како и дека целиот свет треба да се плаши од она што може следно да го уништи американскиот лидер Џо Бајден, особено ако се земе предвид дека успеа да ја подели и да ја направи нестабилна некогаш моќната Америка.

Тој наведе дека спомнувајќи го обидот за вооружување на бошњачките сили поради можното отцепување на Република Српска и потенцијалните нови конфликти на Косово, извештајот ја покажува лицемерната политика што САД ја водат сите овие години не само кон Балканот, туку и кон целиот свет.

„Ако ја обвинуваат Република Српска дека подготвува отцепување, тогаш што е со самопрогласеното Косово кое го поддржува Америка. На Србија ѝ е одземен дел од територијата и тоа може да помине. Се додека им се одзема на Србите се е во ред, но Република Српска е проблем. Република Српска не планира никакво отцепување и нема да дозволиме никој да ги загрозува мирот и стабилноста“, предупреди Додик и повтори дека никогаш нема да дозволи да биде загрозена безбедноста на луѓето.

Тој верува дека сето ова е последица од дејствувањето на најнеспособната администрација во историјата на САД, а на која ѝ се одбројуваат деновите на власт, односно дека воопшто немало ни да дојде до војна во Украина ако на чело на САД беше поранешниот претседател Доналд Трамп.

„За среќа, има се повеќе луѓе кои сфаќаат дека таквата политика е минато. Никој веќе не вели дека постои и најмала шанса Бајден да остане претседател, сите ги интересира што ќе направи Трамп кога ќе се врати на претседателската функција. Чека и Република Српска“, заклучи Додик во постпт на „Х“.

Слични содржини