Др.Ристевски: Климатските промени во Македонија ќе предизвикаат локални непогоди со бурни процеси

од Берта Китинска

Неодамнешните екстремни временски прилики во Германија и Белгија се резултат на климатското затоплување.Тие  промени се случуваат и ќе се случуваат во наредниот период и ќе  бидат се поинтезивни. Вакви природни (атмосферски) непогоди или катастрофи се појавувале во изминатиот период во Европа, на Балканскиот полуостров, како и на територијата на Република Македонија, вели во разговор за „Локално“ д-р Пеце Ристевски, метеоролог, експерт за климатологија и применета метеорологија.

Ристевски не ја исклучува веројатноста за појава на слични локални непогоди  во претстојниот период и во Македонија како последица на глобалното затоплување, односно со климатските промени, имајќи во предвид дека ќе се зачестат фреквенциите на топлотните бранови и појавата на суши со брзи промени на времето кое ќе предизвика катастрофални последици.

Ќе имаме локални непогоди со бурни процеси  

-Климатските промени во Македонија покрај интезивните дождови со кусо траење со циклонални карактеристики,би предизвикале локални непогоди со бурни процеси и појава на развиени конвективни облаци во еднородна воздушна маса (кумулонимбуси), со појава на олујни ветрови, долготрајни суши и сушни периоди, објаснува метеорологот.

На прашањето дали имаме капацитет да се справиме со промените и непогодите, Ристевски тврди дека во земјава  има соодветни кадри како и организации кои се спремни да изработуваат планови, напоменувајќи дека Македонија е потписник на главниот договор на Конвенцијата за климатските промени чии помошни документи се Клото протоколот и Договорот од Париз 2015.

-До сега се направени три планови односно извештаи како одговор кон Конвенцијата во 2003, 2007 и 2013 година.Сега во фаза е и  изработката на четвртиот план како одговор кон конвенцијата за климатските промени, вели тој.

Главен виновник за глобалното затолување е самиот човек  

Др.Ристевски објаснува дека антропогеното влијание преку корисењето на фосилните горива како што се нафтените деривати како и преку издувните гасови кои секоја година се зголемуваат за 0,5% се во корелативна врска со глобалното затоплување на планетата Земја.

-Постојат повеќе активности со кои можеме да влијаеме за спречување на климатските промени  како држава и како поединци. А, тоа е со користење на нови обновливи видови на енергија( за тоа постои Стратегија до 2040 година) како и со штедење на енергија( како поединци) и со изградба на згради со енергетска ефикасност. Користење на нови и обновливи видови на енергија (сончева, ветрова, енергија на биогас геотермална енергија и други обновливи видови), користење на велосипеди за превоз кога сме сами,смета Ристевски, додавајќи дека  нашата земја покрај тоа што има проблем со СО2 , има проблем со другите елементи на стаклената градина, со друго име стакленички гасови како што се хлорофлуорокарбонатите, водената пареа и слично.

Во однос на тоа колку луѓето во земјава се свесни за климатските промени, метеорологот вели дека, постои голема свесност кај државните институции, како и кај населението, но многу често поимите: време, клима, климатски промени и глобално затоплување, на јавноста не им се јасни или ги мешаат.

Тој напоменува дека Меѓународната експертска група за климатски проемни (ИПЦЦ) која има направено 5 извештаи и одтжано 25 конфернции, превзема сериозна активност во однос на климатските промени.

-Се надевам дека ќе одговоривме на предизвикот, кој е пред нас на ова поле и се надевам дека зад оваа активност  ќе застанат светските научници и експерти, кои сериозно се ангажирани на ова поле.Јас во овој период припремам една популарно стрично-научна книга под работен наслов: ,,Климата и глобалното затоплување,, која треба да се објави до крајот на оваа година, вели Ристевски.

Б.М.

Слични содржини