Дурент би можел да го напушти Бруклин, доколку Ирвинг го напушти тимот

од Vladimir Zorba

Кевин Дурент би можел да побара трансфер од Бруклин Нетс доколку тимот го загуби плејмејкерот Кајри Ирвинг во претстојниот преоден рок, објави ESPN.

30-годишниот Ирвинг се уште не одлучил дали ќе ја искористи опцијата за продолжување на договорот на уште една година. Таа опција би му донела 36,9 милиони долари во следните 12 месеци. Сепак, самиот Ирвинг инсистира на нов долгорочен договор, кој Бруклин не е подготвен да му го понуди. Причината е што во три сезони со Бруклин, Ирвинг одигра само 103 натпревари во регуларниот дел од сезоната, пропушти речиси исто толку натпревари поради лични проблеми и неподготвеност да се вакцинира против коронавирус. Честите повреди, исто така, го попречуваат седумкратниот НБА Ол-стар.

Според американските медиуми, сосема е реална опцијата во која патиштата на Ирвинг и Нетс се разминуваат летово.

Сите овие неизвесности околу новиот договор на бекот се причина и 33-годишниот Дурент да е незадоволен од политиката на клубот. ESPN тврди дека 12-кратниот Ол-стар играч ќе побара трансфер доколку Бруклин загуби уште една ѕвезда, откако тимот го префрли Џејмс Харден во Филаделфија 76ерс во февруари.

Во својата кариера, Дурент има просек од 27,2 поени, 7,1 скока и 4,3 асистенции по натпревар во 14 сезони како играч на Сиетл Суперсоникс, Оклахома Сити Тандер, Голден Стејт Вориорс и Бруклин Нетс.

Слични содржини