Ковачевски: „27 април“ е потсетник на едно време на режим и насилство

од Nikola Popovski

Покрај Оливер Спасовски, и Димитар Ковачевски со коментар за седумгодишнината од настаните на 27 април 2017 година. За лидерот на СДСМ, денешниот ден e најцрниот датум во историјата на нашата демократија и никогаш не смее да се заборават сликите од „крвавиот четврток“. Ковачевски потенцира дека 27 април е потсетник на едно време на режим, насилство, страв и неизвесност.

„Никогаш да не ги заборавиме сликите од крвавиот четврток, сликите на насилниците поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ кои извршија упад во Собранието, се обидоа да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, кои сакаа да да го урнат уставниот поредок. Тогаш не се откажавме од борбата за подобра иднина на граѓаните, за слободна и демократска држава. Нема да се откажеме ниту сега. Никогаш повторно режим“, порача Ковачевски.

За екс-министерот Спасовски, не смее да се дозволи насилниците да се нарекуваат уставобранители, ниту да бидат помилувани или да им биде простено за стореното.

„Десничарскиот режим во тоа време направи удар врз државата и демократијата. Неказнивоста раѓа и нови настани и дела. Оние кои што насилно влегле во Собранието, мора да сносат одговорност, кажа денеска од пред зградата на Собранието“, носителот во Втората изборна единица на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема соопштение или реакција по повод денешниот ден.

Постојат два судски предмета поврзани со настаните од насилниот упад во Собранието. Сите се осудени за дејствија против државата, односно за загрозувањето на уставниот поредок и безбедност на државата. Како организатори на насилниот упад беа осудени на затворски казни поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, кои по укинувањето на првостепената пресуда од Апелација, чекаат повторно судење.

За инцидентите во Собранието пак, пресуди за затворски казни добија 16 обвинети. Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.

Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој доби 18 години затвор. По 15 години затвор добија тогашните полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање, како и припадниците на патриотските здруженија и маскирани напаѓачи Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо. Вилијам Михајловски доби 14 години, а полицискиот началник Оливер Поповски 13 години затвор. По 12 години затвор добија Младен Додевски, Горанчо Ангеловски и Игор Југ. Оливер Радулов од УБК доби 10 години затвор, Александар Василевски – Нинџа – 8 години, а припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој стана познат во јавноста како човекот што го спаси Зијадин Села, беше осуден на седум години затвор, затоа што тој му ги предава клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски Леви, кој беше шеф на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Слични содржини