Движењето на Навални: Ја продолжуваме борбата против Путин

од Stefanija Kuzmanovska

Фондот за борба против корупцијата, главната организација на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, објави продолжување на борбата денес, еден ден откако руското правосудство ја забрани поради „екстремизам“.

„Продолжуваме да се бориме против корупцијата“, објави Фондот на Твитер.

На барање на обвинителството, московскиот суд ја забрани работата на тој Фонд, како и мрежата на канцеларии на Навални низ Русија, проценувајќи дека тие се екстремисти заради повикот за промена на режимот.

Опозицијата смета дека Кремљ со тоа го завршува процесот на исклучување од политичката сцена на каква било форма на критика кон системот воспоставен од Владимир Путин откако тој дојде на власт пред повеќе од 20 години. Членови на организации кои се прогласени за екстремисти се соочуваат со високи затворски казни, а според новиот закон, тие не можат да учествуваат ниту на изборите.

„Ќе се снајдеме, ќе се адаптираме. Но, ние нема да отстапиме“, рече Навални, кој е во затвор од јануари кога беше уапсен по враќањето од лекување како резултат на труење, за што го обвинува Путин.

Вашингтон, Лондон и Европската унија остро ја осудија одлуката за забрана на движењето на Навални.

Слични содржини