Не гледам дека меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ може да продолжат преговорите, но оставаме отворена врата во разговорите со меѓународните претставници, доколку предложат нешто што ќе ги исполни нашите барања, вели  за DW лидерот на СДСМ.

nulandd

Силен поттик за продолжување на прекинатите преговори, се очекува од денешната посета на помошникот државен секретар на САД, Викторија Нуланд, која во Скопје ќе се сретне со високи владини претставници и со партиските лидери. Амбасадата на САД во Скопје јасно соопшти со каква порака доаѓа Нуланд.

„САД и ЕУ работеа заедно со политичките лидери во Македонија за да се оствари договорот од 2 јуни, според кој, партиите ќе ги ставаат интересите на земјата во прв план и ќе се посветат на евроатлатнскиот процес и демократските принципи. Во текот на посетата, помошникот државен секретар Нуланд ќе истакне дека договорот останува единствената основа за политичка резолуција на кризата“, соопшти амбасадата.

Пред два дена, Нуланд и лично од форум во Дубровник им порача на македонските лидери да престанат да се расправаат.

„Пред вас е голема можност за единство и просперитет. Пред вас е членство во НАТО и во ЕУ. Но, големите политички партии мора да престанат да се расправаат и да појдат по патот на демократски реформи, кои еврокомесарот Јоханес Хан го подготви со поддршка од САД, а потоа да се фокусираат на решавање на спорот за името со Грција. Немојте да ja пропуштите овaa можност“, порача Нуланд.

Заев: Оставаме отворена врата!

Помошникот државен секретар на САД доаѓа во Македонија во време кога политичката криза влезе во драматична фаза, со оглед дека се прекинати преговорите за излез од неа, откако СДСМ ги прогласи за неуспешни. Поддршка за напуштање на преговорите СДСМ доби и од партиите-коалициски партнери во здружената опозиција, но и од граѓанските организации обединети во коалицијата „Граѓаните за Македонија“.

Дојче веле го праша лидерот на СДСМ, дали по денешната средба со Нуланд постои можност преговорите сепак да продолжат и кој би бил условот за тоа?

„Јас не гледам дека меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ може да продолжат преговорите. Сепак, оставаме отворена врата за тоа во разговорите со претставниците на меѓународната заедница, доколку предложат нешто што ќе ги исполни нашите барања како опозиција. А тоа е, ние како опозиција да бидеме гарант на враќањето на демократските институции и да бидеме гарант на слободни, фер и регуларни избори. Такво нешто е вредно за разговор“, изјави Заев за Дојче веле.

На прашањето преку кои конкретни предлози опозицијата бара да ја оствари таа улога на „гарант“, лидерот на СДСМ одговори: „Не би сакал да изнесувам детали пред да се реализираат средбите со меѓународните претставници, за да не станат беспредметни разговорите со нив“.

Но, она што опозицијата недвосмислено го очекува од денешната средба со Нуланд и од утрешната со еврокомесарот Јоханес Хан, е тие „да дојдат со предлог кој произлегува од духот на констатациите во Извештајот на Европската Комисија и на Стејт департментот“.

„Очекуваме меѓународната заедница да го покаже истиот сензибилитет кој го има изразено во извештаите за состојбите во Македонија, без разлика дали станува збор за Извештај на ЕУ или на Стејт департментот. Односно, тоа што го констатирале и препорачале во извештаите, да го има и во разговорите на средбите“, дециден е лидерот на СДСМ.

Притисок врз двете страни

Според дипломатски извори, Нуланд ќе се обиде подеднакво да ги убеди двете страни во потребата од компромис и неопходноста од продолжување на разговорите. Двете страни во случајов се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои презентираа ненадминливи разлики, додека ДПА и ДУИ засега ја имаат улогата на „конструктивни соговорници“.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пред три дена оствари средба со американскиот амбасадор Џес Бејли, на која разговарале за политичката криза во Македонија. Како што соопшти партијата, Ахмети истакнал дека за ДУИ решение со посредство на меѓународната заедница може да се постигне само на преговарачка маса помеѓу најголемите политички партии во земјата, врз основа на договорот од 2 јуни. Ахмети нагласил дека ДУИ ќе продолжи со поддршка за усвојување и спроведување на системски реформи кои потекнуваат од договорот на 2 јуни и го опфаќаат Извештајот на Рајнхард Прибе, итните препораки на Европската комисија, препораките од Високиот дијалог со ЕУ, како и парламентарната истражна комисија за настаните од 24 декември.

„Тешката состојба во земјата треба да не‘ загрижува сите нас и особено двајцата македонски лидери треба да се надминат себеси и да дејствуваат со храброст што е можно побрзо кон постигнување на компромис, земајќи ги предвид првенствено интересите на државата и граѓаните“, рекол Ахмети на средбата со амбасадорот Џес Бејли.
По Нуланд, утре во Скопје пристигнува и еврокомесарот Јоханес Хан. Овие две посети се сметаат за клучни по прашањето за продолжување на преговорите на македонската лидерска четворка. За в среда е најавена и посета на францускиот министер за европски прашања, Арлем Дезир.

DW

Слични содржини