Еден од најбогатите луѓе во светот сака да ја спречи номинацијата на Трамп

од Stefanija Kuzmanovska

Конзервативната американска политичка мрежа предводена од милијардерот Чарлс Кох собра повеќе од 70 милиони долари политичка поддршка со клучна цел да го спречи поранешниот претседател Доналд Трамп да ја добие републиканската номинација во 2024 година, изјави во четвртокот претставник на групата, објави Ројтерс.

Влијателната група, која се залага за намалување на даноците и владината регулатива, треба да влезе во прелиминарните избори за претседател на Републиканската партија за прв пат во својата дведецениска историја. Кох, рангиран меѓу најбогатите луѓе во светот, го собра своето богатство како извршен директор во неговата семејна компанија „Кох индустри“, конгломерат кој се занимава со фосилни горива, стоки и други бизниси.

Според Ројтерс, останува нејасно колкав дел од 70-те милиони американски долари собрани за мрежата „Prosperity Action“ ќе оди директно во борбата против Трамп. Групата јасно стави до знаење дека победувањето на прелиминарните избори е главен приоритет, бидејќи тие мислат дека тој ќе ги загуби изборите во ноември 2024 година од претседателот Џо Бајден, кој го победи Трамп во 2020 година.

„Постои јасно чувство на итност околу изборот на кандидати кои можат да победат. Дури и значителен број поддржувачи на претседателот Трамп се загрижени за неговата изборност и се отворени за алтернатива“, рече претставник од групата Americans for Prosperity.

Веста за собраните 70 милиони долари првпат ја објави „Њујорк Тајмс“ во четвртокот.

Мрежата на политички организации поддржана од Кох беше основана од Чарлс и неговиот брат Дејвид Кох, кој почина во 2019 година. Сега вклучува поголема група донатори. Историски гледано, тие потрошија милиони долари за поддршка на републикански кандидати за функции.

Слични содржини